Бесими: Раст на приходите во буџетот од 4,4 проценти, имаме позитивен економски раст во земјава

Министерот за финансии Фатмир Бесими информираше дека приходната страна на буџетот има раст од 4,4 проценти во споредба со првиот квартал од 2020 година кога се уште не можеше да се забележи ефектот од пандемијата врз економијата.

– Даночните приходи покажуваат раст од 5 проценти во однос на истиот период од минатата година. Даноците се наплатени во износ од 27,8 милијарди денари или се за 6,2 повисоки во однос на првиот квартал од 2020. Одделно, ДДВ-то наплатува 13,1 милијарда денари и е повисоко за 11,4 проценти. Данокот на добивка има наплата од 3,1 милијарда денари и зголемување од 5 проценти – вели министерот.

Бесими информира дека увозните давачки бележат раст од 10,4 проценти или 1,1 милијарда денари наплата, додека за персоналниот данок зголемувањето е за 0,8 проценти со наплата од 4,4 милијарди денари.

Тој додава дека придонесите се наплатени во 16,3 милијарди денари или раст од 3,3 во однос на првиот квартал од минатата година.

– Расходите се извршуваат редовно и во рамките на проектираното, напоменувам дека има предвремена исплата на пензиите со што им помагаме на оваа категорија на лица. Во однос на капиталните расходи има реализација од скоро 4 милијарди денари или 16,6 проценти од планираните за целата година, но исто така и раст во однос на минатата година кога беа планирани 2 милијарди денари во овој период – вели Министерот.

За буџетскиот дефицит, Бесими вели дека тој е понизок за 7,4 проценти во однос на лани, и покрај планираните приходи и расходи, пониското ниво на дефицитот е поради добрата реализација на приходите, односно тој е 1 процент од БДП-то.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими порача дека заедно со Владата работат на економскиот раст во земјава и инвестиции, кои се најавени да се остварат во наредните четири години.

– Ние сме реални и свесни дека пандемијата трае. Фокусирани сме на заздравување на економијата и затоа постојано комуницираме со бузнис седницата. Имаме позитивен економски раст во земјава, а тој се очекува да расте и во иднина. Започнавие средби со Светската банка и ММФ. Инвестициите неколкукратно ќе растат од 2021 до 2025 година, ќе инвестираме во иновативни и еколошки проекти, кои ќе помогнат за забрзан раст –  истакна Бесими.