Бесими уверува дека има решение за платите во УЈП и Царина: Ниту исплатата ќе запре, ниту границите ќе се затворат

Министерот за финансии Фатмир Бесими, нема конкретно решение за вработените во УЈП и Царина, но порача дека тие институции законски не можат да одат во генерален штрајк како што се најавува и останува на ставот дека само со новата методологија ќе се стави ред со примањата во јавниот сектор.

„Во однос на исплата на плата и во однос на затворање граници, тоа не може да се случи. Има закон за регулирање на права како се регулира процедура на штрајк. Не е ниту намера на УЈП ниту на Царина да затвораат граници или да не пуштаат плата. Нема ништо официјално за тоа, има закон за штрајк и како тоа се регулира, таму јасно стои дека синдикат и работодавач заедно утврдуваат како ќе се штрајкува“, рече Бесими.

В четврток синдикатите и Владата повторно седнуваат на маса да ги продолжат разговорите за новата методологија за раст на платите. Овојпат Владата со нов предлог. Просечната плата ќе биде основа за пресметка на платите во јавниот сектор, но не од 2028 година, како што првично се предложи, туку ќе се прилагодува за период од околу две години.

„Ние понудивме период на прилагодување од 5 години, сега го кратиме тој временски период на две ипол години, апликативни. Им го задоволуваме тоа што го бараат. Тоа се делови од новиот предлог кој веќе ќе биде пуштен до синдикатите. Ние сме тука да најдеме системско решение, да знаат на што се вработените во јавниот сектор“ изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Шалтерите на УЈП веќе една недела од 10 до 12 часот се затворени за странки. Уште една недела има рок за решавање на барањата на вработените во Царина за зголемување на платите за 30%.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.