Бескаматни кредити да ги заменат субвенциите за минимална плата, а добрите компании нема да враќаат дел од сумата

Ќе има помош за компаниите и за граѓаните во вкупна вредност од над 50 милиони евра – но ќе изостане помошта кон компаниите во форма на субвенции за исплата на минимални плати на вработените. Веста синоќа во телевизиско гостување ја потврди и заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски. Наместо плати во директни исплати, државата на компаниите ќе им понуди бескаматни кредити. Оваа идеја веќе наиде на негодување на компаниите, кај работодавачите. Ја најави деновиве вицепремиерот Фатмир Битиќи. Иако петтиот пакет мерки се уште не финализиран, за него има дебата, а идејата да нема субвенции за плати веќе се анализираше и на Економско социјалниот совет.

Ковачевски синоќа рече дека претходните пакети мерки биле во насока да ги надоместат загубите на компаниите и да им дадат поддршка да опстојат во време на најголемата криза, овој пакет е повеќе за да се подигне поголема ревитализација и заздравување на стопанството.

„Компаниите коишто ќе имаат проблем со исплата на плати, ќе може да аплицираат во Банката за развој, да добијат бескаматен кредит, а оние коишто ќе покажат раст, според критериуми што ќе бидат дефинирани, ќе може да добијат грантова компонента во самиот кредит“, рече Ковачевски.

Според она што им беше соопштено на работодавачите и на синдикалците на средбата која тие ја имаа на сесијата на Економско социјалниот совет, како помош на компаниите планирано е да им се дава бескаматни кредити со три години период на враќање, но и можност 30 отсто од овој кредит да се претвори во грант.

Промената на мерката, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, е тоа што директната помош за исплата на плати е многу обемна операција, која бара висок износ на пари, што е големо оптоварување на државниот буџет.

„Процесот на консултации и координација за петтиот пакет мерки со сите засегнати страни се уште трае и истиот се уште не е комплетно дефиниран. Модалитетот на носење на повеќе пакети за економска поддршка ни овозможува да можеме да мериме и анализираме ефекти и да се прилагодуваме на показателите. На 3 до 4 месеци носиме мерки кои проактивно им помагаат на стопанството и граѓаните“, велат од неговиот кабинет.

Сепак тој завчера изјави дека никој нема да биде изоставен.

„Евентуалната замена на мерката со бескаматни кредити преку Развојната банка ќе биде само супститут, условите и критериумите треба да останат исти, и сите на кои им е потребна да ја добијат помошта. Не е класична кредитна линија, нема да се случи некому да кажеме – нема пари. Никој нема да биде изоставен. Но, опаѓа бројот на компании на кои им треба помош. Ако ја видиме просечната исплатена плата за вработен во април исплатената плата била 14.500, а во декември 15.800. Значи дека некои компании добиле и цела бруто плата, но тоа е малку е процентуално“, вели Битиќи.