Бесплатна вакцинација, ПЦР тестови и здравствени прегледи за Авганистанците, а Владата ќе покрие и трошоци за сместување

Одговарајќи на новинарско прашање Заев рече дека никој не побарал од нас да примање на Авганистанци, туку како држава сами сме се понудиле и сме биле меѓу првите заедно со Албанија.

– Се работи за луѓе кои биле соработнци на сојузничките армии во Авганистан, вклучувајќи ја и нашата која од 2002 е сојузник во сите мисии на НАТО таму. Се работи за миротворци, активисти за човекови права, новинари, студенти, жени. Секако како што соопшти владата ние веќе донесовме одлуки, ќе ги прифатиме сите граѓани кои доаѓаат по однапред определени списоци. Државата ќе го плати превозот од аеродромот до хотелите, а веќе има такви кои понудиле сместување. Ќе се овозможи бесплатна вакцинација на тие што немаат, иако најголем дел од нив се вакцинирани бидејќи работеле во институциите, ќе има и бесплатен ПЦР тест и ќе им се овозможи здравствен преглед. Трошоците за сместување ќе ги плати САД, но Владата донесе одлука да преземе дел од трошоците, па тие после ќе бидат рефундирани, рече премиерот и потенцира оти граѓаните треба да бидат горди што учествуваме во ваква хуманитарна мисија.

Авганистанците ќе дојдат со повеќе летови, а можно е бројката деновиве да се зголеми, но за тоа премиерот вели јавноста навремено ќе биде информирана.