Бесплатни прегледи во сите градови по повод Светскиот ден на здравјето

Денеска се одбележува Светскиот ден на здравјето под мотото „Болести кои се пренесуваат преку вектори или вектор преносливи болести“ со напомена „Мал убод, голема закана“.

Министерството за здравство организира бесплатни превентивни прегледи во сите градови ширум земјава. Триесет и три здравствени домови на плоштадите и  парковите во градовите ќе постават пунктови за бесплатни прегледи. Лекарските екипи на граѓаните ќе им мерат шеќер во крвта, холестерол, висина, тежина. Пункт за бесплатни превентивни прегледи во Скопје ќе биде поставен на плоштадот Македонија. Пунктовите ќе бидат отворени од 8 до 14 часот.

Исто така фирмата Слух1 од 10 до 15 часот ќе врши бесплатно тестирање на слухот пред платото на ТЦ Лептокарија. Целта на акцијата е да се подигне свеста на граѓаните за здравствениот проблем кој се однесува на загубата на слухот и наглувоста.

На Унивезитетската клиника за детски болести денеска ќе биде отворена „Игротека-библиотека“, во која хоспитализираните деца ќе може да го поминуваат своето време во читање книги.

Книгите се донации од библиотеката „Браќа Миладиновци”, македонски детски писатели, издавачки куќи, Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор’’ – Македонија и Меѓународното училиште Нова. „Игротека-библиотека“ ќе ја отворат директорот на Градската библиотека, Бранко Цветкоски и директорката на Детската клиника Аспазија Софијанова.

Од Светската здравствена организација препорачуваат дека е потребна контрола на преносителите кои се живи организми (комарци, крлежи, песочни муви, болви…) или нивно уништување, превенција на болести и ограничување на нивно ширење во вид на епидемија.