Бесплатни прегледи за хронична опструктивна белодробна болест ХОББ

Хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) не само што ја ограничува способноста за дишење на пациентите, туку претставува и сериозен товар за здравствениот систем, економијата и животниот стил на заболениот и неговото семејство.

Според доцент д-р Димитар Каркински, директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје, ХОББ е многу честа болест во Македонија, но голем дел од пациентите не се ни свесни дека ја имаат.

„Светските статистики покажуваат дека во нашата држава најмалку 100.000 лица страдаат од оваа болест. Најчеста причина е пушењето, а Македонија е меѓу водечките земји во Европа по број на пушачи, со 45% од возрасната популација,“ истакна Каркински.

Тој нагласи дека многу пациенти ги игнорираат симптомите, како кашлица, сè додека не се појават посериозни знаци како отежнато дишење или замор. „Кога ќе дојдат на преглед, болеста е веќе во напредна фаза, а белите дробови се неповратно оштетени,“ предупреди Каркински, додавајќи дека аерозагадувањето дополнително ги влошува состојбите.

Денеска, во „Сити мол“ во Скопје, граѓаните имаат можност да направат бесплатни прегледи за хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), во рамки на одбележувањето на Денот на ХОББ. Прегледите ги вршат стручни медицински тимови, а оние со отстапувања ќе добијат препорака за дополнителни испитувања.

Доцент д-р Зорица Нановиќ, претседателка на Здружението на пневмофтизиолози, објасни дека граѓаните денес можат да направат ориентациски преглед на белодробната функција. Со методи како пулсоксиметрија и одредување на врвниот експираторен проток, тимовите утврдуваат отстапувања и ги насочуваат граѓаните кон натамошна дијагностика.

Д-р Оливер Зафировски ја потенцира сериозната закана од ПМ 2,5 честичките, кои директно навлегуваат во крвотокот, предизвикувајќи широк спектар на здравствени проблеми. „Овие микроскопски честички се толку мали што лесно го минуваат белодробниот систем и влегуваат во циркулаторниот систем. Ефектите се катастрофални – од воспалителни процеси до зголемен ризик од најтешки заболувања, како што е ракот“ објасни д-р Зафировски.

Тој предупредува дека најранливите се најмладите. „Секое шесто до седмо новородено дете ќе има белодробно заболување како последица на аерозагадувањето,“ истакна тој, нагласувајќи дека оваа состојба е алармантна.

Загадувањето не само што ги зголемува случаите на хронични белодробни заболувања, туку и влијае врз развојот на многу други сериозни состојби. „Отровниот воздух што го дишат граѓаните ќе доведе до зголемување на бројот на заболени од рак, аутизам и деменција,“ додаде тој.

Досега неколкумина добиле препорака за дополнителни испитувања, меѓу кои спирометрија – референтна метода за дијагностицирање на ХОББ. Според Каркински, прекинувањето на пушењето е клучен чекор во третманот на болеста, додека лековите доаѓаат како дополнителна поддршка.

Иницијативата има за цел да ја подигне свеста за болеста и да ги поттикне граѓаните навреме да побараат медицинска помош.