Бесплатни стоматолошки услуги и за деца од градинка во социјален ризик и за сите пензионери, нуди Општина Центар

Општина Центар во соработка со Стоматолошкиот факултет – Скопје ги проширува проектите на бесплатни стоматолошки прегледи со кои, покрај учениците, ќе може да ги користат и децата од градинките, кои исто така се во социјален ризик и сите пензионери во Општина Центар.

Како што информира Општина Центар, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, вчера на средба со проф. д-р Ќиро Ивановски, декан на Стоматолошкиот факултет – Скопје, проф. д-р Сања Панчевска – продеканот за настава, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска – раководител на катедрата за детска и превентивна стоматологија и секретарот Влатко Коколански ги прецизираа деталите за проектот „Дејствувај за подобро орално здравје“.

-Општина Центар се грижи за сите граѓани подеднакво затоа преку овој проект сакаме да им помогнеме на семејствата од социјален ризик обезбедувајќи бесплатни стоматолошки услуги за нивните деца. Одржувањето на оралното здравје е од суштинско значење за да се задржи правилното функционирање на организмот и севкупното здравје и квалитет на животот воопшто. Затоа покрај поправката на запчињата децата на Стоматолошкиот факултет ќе добијат и совети за здрави навики и здрава исхрана како и едукативни предавања за правилно четкање на забите. Преку овој проект важно е што дечињата од најмала возраст се соочуваат и го победуваат стравот од одење на забар. Во соработка со Здружението за пензионери, бесплатни стоматолошки услуги добиваат и сите пензионери во Општина Центар, изјави Герасимовски.

Бесплатните стоматолошки услуги ќе може да ги користат деца во градинките и основните училишта чии родители имаат законски одредена минимална плата, се корисници на социјална помош, се самохрани родители со законски одредена минимална плата, глувонеми родители со законски одредена минимална плата или пензија, слепи родители со законски одредена минимална плата или пензија.

Стоматолошките прегледи ќе се спроведат од 20.2.2023 до 24.2.2023 година во претходно закажаниот термин. На овие стоматолошни прегледи пензионерите ќе добијат дополнителен датум следствено проблематиката на услугата и потребната стоматолошка интервенција.