Бевме тепани и малтретирани, во станица не држеа до пет часот изутрина, велат претепаните Роми

Ромите кои во вторникот направиле сообраќајка по што биле претепани од страна на сообраќајната полиција во Битола, преку обраќање во живо на фејсбук сведочеа што се случило ноќта, пренесува Слободен печат.

Според Елвис Шаќири од граѓанската иницијатива АВАJА, во вторникот, тројцата Роми со автомобил направиле сообраќајна несреќа и удриле во бетонски ѕид. Во непосредна близина на сообраќајката имало полиција, која како што вели Шаќири, дошла на местото на настанот и без причина полицајците ги извадиле лицата од автомобилот и започнале брутално да ги тепаат.

Во обраќањето попладнево, Ромите се идентификуваа со име и презиме и рекоа дека причината за сообраќајната несреќа била тоа што биле пијани во автомобилот, по што удриле во бетонскиот ѕид. Но, како што сведочат таткото, синот и третото лице од автомобилот, тие очекувале полицијата да им помогне по сообраќајната несреќа, а не брутално да ги тепа.

Сведочат дека биле задржани во полициска станица до 5 часот изутрина, како и дека веднаш штом пристигнале во станицата, тие биле малтретирани и омаложувани, нарекувани со навредливи зборови и тепани.

Видеото го завршија претставниците од граѓанската организација Аваја, повикувајќи на протест со најави дека битката за правдата за инцидентот и дискриминацијата врз Ромите ќе ја водат докрај.