Без договор меѓу Заев и Гаши, парламентарното мнозинство и натаму неизвесно

Не е постигнат договор откако премиерот и челник на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на партијата Алтернатива, Африм Гаши, во петокот попладнето неколку часа разговараа во Клубот на претениците околу можноста за коалицирање, најавувајќи дека разговорите ќе продолжат и во текот на следната седмица, до кога останува кревко и сосема неизвеснот влаејачкото мнозинство.

По меѓусебната презентација на понудите и барањата ставени на преговарачката маса, Заев и Гаши во рамките на своите партии ќе треба да разговараат за следните чекори. Пресудни за донесувањето на одлуката, како што изјави за медиумите Гаши по средбата, ќе бидат интересите на државата, граѓаните, на Албанците и на Алтернатива.

Премиерот на средбата беше придружуван од заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски. Токму тоа ги подгреа шпекулациите во јавноста дека станува збор за сериозен кандидат кои би можел да го замени Заев на премиерската и лидерската функција. Заев денеска ја потврди таквата информација. Вели дека СДСМ на внатрепатриски избори ќе треба да ја донесе одлуката кој ќе биде идниот лидер на партијата. Како што истакна повеќепати претходно Заев, идниот лидер на СДСМ треба да биде и новиот мандатар.

Заев по средбата во Клубот на пратеници рече дека на средбата со Гаши станало збор за многу важни работи.

„Одлуката не ја донесовмe денеска. СДСМ се подготвени за решенијата, коишто ќе бидат договорени. Ќе продолжат разговорите следната седмица. Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни“, рече Заев.

Според него, можното идно коалицирање ќе биде врз основа на програмски принципи, што е позитивно.

Гаши, пак, изјави дека партијата е „исправена“ пред две опции: едната е да остане доследна на иницијативата којашто ја потпиша минатата седмица со опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со која се бараше гласање недоверба на Владата, а втората е опцијата да станат дел од сегашното кревко владејачко мнозинство. Лидерот на Алтернатива рече и дека на средбата не станало збор за поделба на ресори и за кардовски решенија, туку се зборувало за концептот околу кој треба да се обединат партиите.

„Не треба да одлучуваме врз основа на емоции, туку врз основа на реалноста и аргументите. И двете опции ќе ги разработиме и кога ќе излеземе пред партиските органи, ќе одлучиме и тоа треба да биде одлука на мнозинството“, вели Гаши.

Потенцираше дека станува збор за особено сензитивен момент за државата во однос на евроинтеграциите, момент кој не смее да се испушти.

„Тој притисок и таа одговорност треба сите да ја споделиме и сите заеднички треба да сфатиме дека сме исправени пред сериозен предизвик за да не ја испуштиме шансата за преговори со ЕУ. Мора да бидеме сите свесни дека е многу сериозен и чувствителен момент и треба сите да бидеме одговорни во однос на овој предивик. Сакам да покажам ваква сериозност и сакам мојата партија да помогне во тој процес. Можеме да дадеме толку сила колку што имаме доколку навистина започнеме преговори“, рече Гаши.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.