Без договор за иднината на Меси на состанокот во Барселона

Состанокот на претседетелот на Барселона, Жозеп Бартомеу и менаџерот на каталонскиот великан Хавиер Бордас од една страна, и Хорхе и Родриго Меси, таткото и братот на аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси, од друга страна, завршил без договор, пренесува агенцијата Associated Press ноќта во средата повикувајќи се на неименуван узвор запознаен со ситуацијата чиј развој го следи целата спортска јавност.

Состанокот траел 90 минути, но не довел до договор, бидејќи секоја од страните останала на своите ставови.

Како што навел неименуваниот соговорник на агенцијата, се разговарало за барањето на Меси да ја напушти Барселона, но ниту една од страните не била подготвена на отстапки.

Меси минатата седмица порача дека сака да го напушти клубот повикувајќи се на клаузула од договорот, според која му е дозволено да замине без отштета на крајот од секоја сезона. Меѓутоа, Барселона која ја доби поддршката и од шпанската Ла Лига, тврди дека клаузулата истекнала во јуни и дека договорот важи до 2021 година, освен доколку друг клуб не ја плати откупната клаузула за која се нагаѓа дека изнесува дури 700 милиони евра.

Застапниците на Меси сметаат дека клаузулата, која му дозволува да замине без обештетување а траела до 10-ти јуни, сѐ уште важи бидејќи првенството не заврши според распоредот поради пандемијата на коронавирусот.

Бартомеу, меѓутоа, прецизирал дека Барселона и натаму го смета Меси за „централна точка на неговиот проект“, истакнувајќи дека му нудат продолжување на соработката до 2023 година.

Шпанските медиуми наведуваат дека целата среда била одбележана со исчекувањето на средбата на таткото на фудбалерот и челникот на Барса. Опишуваат дека атмосферата наликувала на очекување на шеф на некоја странска држава. Пред средбата со челниците на клубот, таткото на Меси минал шест часа во канцелариите на Фондацијата Лео Меи разговарајќи со адвокатите, со куса пауза за ручекот со својот втор син Родриго.

Во меѓувреме повеќето англиски медиуми наведуваат дека Манечестер Сити, кој го води поранешниот играч и тренер на Барса, Жозеп Гвардиола, е подготвен да му ги исплати на Меси неверојатните 700 милиони евра за петгодишен договор, при што првите три сезони би ги одиграл во Манчестер Сити, а следните две години во Њујорк Сити кој има ист сопственик.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.