Без договор заврши средбата за формирање на новата влада на Косово

Средбата на лидерите на двете партии победнички на октомвриските парламентарни ибори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (VV) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (LDK), што се одржа вечерва во Собранието на Косово, заврши без договор за формирање на идната косовска влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на LDK, Бесиан Мустафа, по средбата на лидерите на двете досега опозициски партии, изјави дека вечерва е постигнат договор состаноците да се интензивираат до постигнувањето договор за заедничко владеење.

„Само овие информации ги имам од двајцата лидери кои излегоа од состанокот. Верувам дека многу наскоро ќе се случи новата средба и се договоривме да ги интензивираме состаноците и да ги одржуваме речиси секој ден“, изјави портпаролот Мустафа.

Истото, преку соопштение до медиумите, го потврди и партијата на Курти.

„Претседателот (на VV) се сретна денеска во Собранието на Косово со претседателот (на LDK) Мустафа. Тие ќе ги продолжат и ќе ги интензивираат состаноците речиси секојдневно до постигнувањето на договорот“, соопштија од Самоопределување.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, претходно во средата за 24-ти декември ја свика конститутивната седница на новото, седмо по ред, Собрание на Косово по војната во 1998/99 година.

Вонредните парламентарни избори во Косово се одржаа на 6-ти октомври, а конечните резултати, според кои Самопределување освои речиси 26 отсто, а LDK околу еден процент помалку гласови, беа потврдени од страна на Централната изборна комисија на 27-ми ноември