Без гајле за јајцата – тука се секс пиштолите

Непарафразиран, буквално преведен наслов на култниот албум за кој ако појма немате поарно и не читајте, за да не ви го повторувам мојот најаргонатен, најнавредувачки и најпонижувачки џингл што го направив во 103-ка во 90-те– АКО СТЕ РУЖНИ, ГЛУПИ, ИСФРУСТРИРАНИ И ИСКОМПЛЕКСИРАНИ, АКО НЕМАТЕ ЦД ПЛЕЕР И НЕ СЛУШАТЕ РАДИО – КАНАЛ 103 ИСКРЕНО ЖАЛИ. Сега ремискувам со… ако не сте гласале и сега се каете, „Јавете ми преку Tасета!“. Ова е тотално аматерски, кафанско, нестручно согледување за разлика од моите препаметни колеги – кои се’ што прогнозираат – промашуваат со години нананзад – еве и зошто.

Генерали

…по избори, а никнале како пицајзли после унпрофорска реденка на еманципирани идни инфлуенсреки,  а денес шарени радодајки, пардон, активистки, кои се подбиваат со се’ норамално. Генерали, морееееј, сезнајковци, фрштат со мозок на сите страни, те кој бил во право, кој не, зошто се гласало, зошто не, како требало, што требало. А, сите ко пацери ја надгледуваа партијата шах и кога нивниот изгуби, одма Спаски и Фишер се мали деца, копиљаци кои појма немаат освен они, сезнајковците.

За жал, проблемот не е во „главата“ туку во „телото“. А „телото“ е учено да биде теледиригирано, стрoго, со дронови кои си ги заклучија канцелариите и се распоредија во месните зандани уште зимоска оти насетија дека народот му е преку глава од власта. Но не насетија дека попрво ќе ја остават оваа, никаква власт, одошто да се соочат со шериф-дронови, кои ракоплескаат на секој морон без да знаат и што прави и што зборува, а целата партиска битка им се сведе на омаловажување на противникот по социјални мрежи.

Не сум генерал, ма ни поручник, но ова знам – се додека го омаловажувате противникот – нема шанси да го победите. Јас најдобро тоа го знам, а гледам, се повторува, затоа што секоја вечер сум со народот.

Груевски

Груевски откако дојде на власт е исмеван, омаловажуван, понижуван како ретко кој политичар, па сепак и покрај се им даде отпор без преседан и дома и надвор и се одржа, секоја година избори и стално победуваше – но секако, како и се, на крајот падна. Падна оној миг кога неговиот опонент Заев престана да се „дрка“ со неговите арогантни партиски сезнајковци и му влезе у гард на Груевски со сите дозволени и недозволени оружја – само така и со валкана игра успеа и да го сруши. Се договори со секој и со се’, беше и натаму е да направи секаков компромис да ја добие битката. Не праша за цена, се прифати да го сруши. И ја доби, ја доби кога гавазите на Груевски модус вивенди им стана исмевање со Заев, дека бил ваков таков… и така изгубија.

Секако дека оваа анализа ниту не е точна ниту претендира да биде, но е со фудбалска аналогија и површна и имате потполно право да ме снајперишете у чакра, ама и тоа ми е преку од онаквото до таквото за мислење од онаквите. Да погодевте еднаш – па, човек да се замисли, вака … „over the Tasse“.

Е, па универзумот сака да се заебава

Не е важно дали некој е нормален или ненормален, туку како таков, луд, какви потези прави и дали носи резултати. За Груевски исмевањето на кое сум бил и сведок лично од Георгиевски (и Црвенковски) дека „копиљот“ нема муда, нити го бива на подолг рок, но дека г’зот ќе го даде под кирија и да им удоволи на странците и ќе го смени името. Секако дека се заебаа, оти планот изгледа им да си ја земат партијата назад под контрола, како што покојна Доста ми кажа уште додека имав емисија на Скај Нет, но не знаеа зошто не им успева, они паметни а он, Груевски глуп. А, Груевски беше голем играч. Кога го сфатија ова, денешниве, успеаја да го поразат.

Заев

Истата приказна се повторува, истата реторика која ја имаше едната страна за Груевски, сега другата за Заев, без да навлегувам колку и дали сте во право, јас само го гледам и констатирам тоа што го говори базата за противникот – исто како нивата контра банда за Грујо. Затоа и некоја космичка карма си прави еквилибриум наспроти сите напрегања на докажување на здрав разум. Заев е играч, и додека така не му се пристапи, тешко дека ќе биде поразен. И ова најмалку зависи од врхушката, туку од базата. Иако ја водеше шарената, Заев не го сруши Грујо, туку младите југени кои беа спремни да се фајтаат на улица, иако малубројни, но делуваа психолошки многу силно на широките маси.

Мицкоски

Така ќе биде и за Мицковски, веќе го омаловажуваат, а он по сета емпирија, ќе станува се’ појак, иако немам рацио ниту факти да образложам, но имам преседани на карма и космичка флуктација на вториот Њутнов Закон за термодинамика. Така што и овој пат, како и претходно кај есдесот, не е проблем во главата, туку во членството и препотенцијата. Есдесот стануваат се’ попрепотентни што кај и да е ќе ги довде до неминовен пат – по истата аналогија за Грујо. Но, што ќе си одлучи и како партијата тоа е нивна работа, јас само констатирам. Со нов човек ќе мора низ нова- дологорчна – карфмична фаза пак да поминат до следната победа… иако секогаш повиците за промена се прво и основно од лукративни побуди… во секоја партија.

Ова време е поинакво од некогаш порано и бара (добра доза) вулгарност, фубалски менаџмент кој Заев го има, и да имаше клуб со сите овие Бате Ване финти ќе догураше далеку. Како инаку? Ете, бил глуп, ненеормален, лажго, а еве го дотера дотука? Немојте со тие „странците“… иако СДСМ секогаш ќе има подршка од Сорос, има таму вечни линкови и тука е нивната медиумска и НВО моќ, толку пари ВМРО нема, ниту ќе има, но мора да си најдат, како знаат и умеат за гол опстанок, но тоа е проблем глобално на десницата во светот – победа без јаки медиуми – НЕМА! Затоа ВМРО секогаш ќе мора да бара поддршка од народот, нема на кој надвор да се потпре.

Но, промената е видлива, омаловажувањето и ароганцијата која се’ повеќе зема замав во СДСМ, дека Мицко е глуп, раководството дебили, или дека Апасиев бил правник од алиекспрес, само е веќе нов циклус. Е, па верувајте или не, тоа е патот кон пораз и победа над противникот – секогаш било и ќе биде – омаловажувањето е некаков трансцедентален еквилибриум кој универзумот го воспоставува како некоја универзална испародирана правда кој се исто и подеднакво подсмева со сите наши калкулации и подмевања и омалуважувања на противникот. Инаку истово правило важи – ама буквално насекаде дури и во интимен живот.

Најдобриот школски другар на Кљусев, мој сосед, ми кажуваше дека постојано бил омаловажуван, закачан, исмеван – од „мангупите“, уште од дете. Кога дојде време, Кљусев се издигна на пиедесталот на историјата, а оние анонимни неуспешни старци исчезнати, никој и ништо и никаде и заникаде.

“Путујте, да се не љубимо!“ – стара викиншка

Автор: Јанко Илковски за НетПрес