Без победник во дербито меѓу Рома и Јувентус

Stadium in Rome, Italy, 26 Semptember 2020. ANSA/FEDERICO PROIETTI

Во дербито од второто коло на италијанското фудбалско првенство, Рома и Јувентус на римски „Олимпико“ ги поделија бодовите одигрувајќи 2:2.

Дербито донесе возбудлив натпревар во кој домашните двапати беа во водство, но гостите од Торино успеаја двапати да израмнат, вториот пат и со играч помалку.

Двата гола за римската „Волчица“ ги постигна францускиот интернационалец Жордан Верету во 31 минута од пенал и во последните секунди од првото полувреме. И торинската „Стара дама“ имаше двоен стрелец, Португалецот Кристијано Роналдо, кој двапати го израмнуваше резултатот, во 44 минута од пенал и во 69 минута.

Рома поведе во 31 минута од казнениот удар кој го реализираше Верету. Французинот самиот ги избори пеналот, откако неговиот удар невнимателно со рака го запре неговиот сонародник Адрен Рабио. Притоа Верету многу слабо биеше, неговиот удар го прочита голманот Војчех Шчечни, го одбрани ударот но топката од стативата се одби во мрежата.

По неколкуте пропуштени можности за гол во првиот дел, Јувентус дојде до израмнувањето во 44 минута, кога во својот шеснаесетник со рака играше Лоренцо Пелегрини, а Роналдо од белата точка беше сигурен. Но неполни две минути подоцна Рома дојде до нова предност, преку брза контра која ја реализираше Верету на додавање на Хенрик Мкитаријан.

Актуелниот шампион остана со играч помалку во 62 минута откако поради вториот жолт картон беше исклучен Рабио. Сепак, Јуве успеа да израмни а повторно стрелец беше Роналдо.

За Рома ова беше вториот освоен бод во новата сезона, а Јувентус со победата во првото коло сега има четири бодови.

Во претходно одиграните натпревари фаворитите Наполи, Милан и Верона впишаа нови победи. Наполи ја декласираше со 6:0 Џенова, Милан на гости го победи Кротоне со 2:0, а Верона со 1:0 беше подобра од Удинезе.

Головите за Наполи ги постигнаа Родриго Лозано во 10 и 65, Пјотр Зиелински во 46, Дрис Мартенс во 57, Ељиф Елмас во 69 и Матео Политано во 72 минута. Двајцата македонски репрезенативци, Еламс во Наполи и Горан Пандев во Џенова, настапија.

Наполи е на врвот со шест бодови, додека Џенова има половичен успех во првите две кола и е 11-та.

Три бода освои и Милан кој победи со головите на Франк Касие од пенал во последните моменти од првото полувреме, и на Брахим Диаз во 50 минута. И Милан има шест бода, додека Кротоне го забележа вториот пораз и поради лошата гол-разлика е последен.

Верона со голот на Андреа Фавили во 57 минута го совлада Удинезе. Хелас Верона сега има четири бодови од два меча, а за тимот од Удине ова беше првиот натпревар сезонава.

Во својот прв прволигашки натпревар во историјата на клубот Специја во Чезена загуби од Саусоло со 1:4. Новиот прволигаш во првото полувреме се држеше солидно, но во продолжението од мечот гостите беа убедливи. Стрелци за Сасуоло беа Филип Ѓуричиќ во 12, Доменико Берарди во 64 од пенал, Гргоар Дефрел во 66 и Франческо Капуто во 76 година, додека првиот погодок за Специја во Серија А го постигна Андреј Галабинов во 30 минута. Сасуоло има четири бодови.

Во саботата беа постигнати следните резултати: Торино – Аталанта 2:4, Калјари – Лацио 0:2, Сампдорија – Беневенто 2:3, Интер – Фиорентина 4:3.

Во понеделникот колото го затвора дуелот меѓу Болоња и Парма.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.