Без заедничко задолжување на ЕУ за обнова на Украина, порачаа од Берлин

Не би требало да има заедничко задолжување за финансирање на повоената обнова на Украина, изјави во вторникот во Брисел германскиот министер за финансии Кристијан Линднер на состанокот со колегите од земјите членки на Европската унија.

Минатата седмица претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, престави долгорочни планови за обновување на Украина изработени според моделот на Европскиот план за закрепнување по пандемијата на Covid-19. Во 2020 година членките на ЕУ договорија со заедничко задолжување да земаат заеми со ниски каматни стапки од коишто ќе го финансираат економското закрепнување по пандемијата.

Германскиот министер Линднер во вторникот го исклучи таквиот пристап на средбата во Брисел на којашто се разговараше за економските последици од руската воена интервенција во Украина.

„За Германија, морам јасно да кажам, заемот како Следната генерација на ЕУ не доаѓа предвид“, изјави за новинарите Линднер по состанокот.

Германскиот министер за финансии, сепак, беше отворен за задолжување за на Украина да ѝ се гарантираат заеми на индивидуална основа со државите членки на ЕУ.

Фон дер Лејен го претстави планот за краткорочна помош на Украина со пакет во износ од 9 милијарди евра. Но техничките поединости од тој пакет мора да бидат разјаснети, порача Линднер.

Германија е отворена за решението со запленување на руска сопственоста за од неа да се финансира обновувањето на Украина, додаде Линднер. Но притоа треба да се прави разлика на приватната од државната сопственсот, а во врска со тоа претходно стручњаци предупредуваа на можни долги судски процеси кои ги имаше во минатото и беа загубени.

Покрај тоа, Европскиот совет го прифати и предлогот за испраќање 500 милиона евра помош во оружје за Украина. Со тоа досегашјата воена помош на Украина од ЕУ се искачува на две милијарди евра.

Министрите за финансии прифатија и привремени трговски мерки преку укинување царини на увозот во ЕУ за поедини индустриски и земјоделски производи, како што се овошјето и зеленчукот од Украина.