Без закон за амнестија нема гласови за уставни измени!?

Без подготовка на закон за амнестија, нема да има поддршка за уставните измени од независните пратеници кои беа исклучени од ВМРО ДПМНЕ откако дадоа поддршка за отворање на Уставот. Ова може да се заклучи од изјавата на пратеничката и копретседавач со телото за помирување, Емилија Александров по денешната прва средба на телото за помирување.

Александрова и Фросина Ременски, која исто така копретседава со телото, денеска информираа дека се формирани три подгрупи на телото. Првата група ќе работи на уставните измени, втората на помирувањето, а третата на реформските закони кои се неопходни за евроатлантска интеграција на земјава. Пратеничката Александрова децидна дека процесите и активностите на сите три подгрупи зависат едни од други и не се исклучуваат. Таа побара забрзување на динамиката и исполнување на барањата на пратениците од независната пратеничка група.

„Ние го дадовме нашиот влог на 19 октомври. Очекуваме процесите да добијат на динамика и да се отпочне со нивна имплементација. Ова се условени процеси, не се бланко потписи и затоа ги повикуваме сите учесници, а пред се власта и премиерот Заев да почне уште денеска со својот придонес кон забрзување на овој процес. Сепак, не очекуваат процеси кои нема да бидат лесни за сите, но ние како независни пратеници одлучивме дека треба да застанеме на таа страна на нашата држава и дека во оваа ситуација нема простор за импровизација, рече Александрова.

За законот за амнестија таа рече решението треба да произлезе од групата задолжена за помирување. Таа го повтори и ставот дека последните приведувања не се во насока на процесот на помирување.

Како телото ќе одреди кој треба да добие амнестија, а кој не и дали амнестирањето не е директно мешање во судската власт, Ременски вели дека овие одлучи се важни за напредокот на државата и Собранието има одговорност да донесе одлуки кои се од национален интерес. Нема да судиме место судот, вели Ременски.

„Правдата и праведноста треба да биде гарантирана од независноста на судството, тоа не значи дека ние ќе му кажеме на судството како да суди, како да ги мери доказите и како да ја утврдува вината, треба да има внимателен пристап во делот на фер судење и мерење на вината на оние кои учествувале во настаните на 27 април. Оваа група нема намера да биде обвинителство и суд и да се става над нив. Нашата идеја е да ги разгледаме можностите за сугестија на одредени предлози кои секако ќе бидат консултирани со стручни лица.“ посочи Ременски.

Следната средба на телото за помирување е закажана за петок, а на неа е поканет и премиерот Зоран Заев, за како што рече Ременски, и тој да ги изнесе своите видувања за помирувањето.

Коментирајќи ги информациите дека според предлогот што ќе го подготви телото дел од обвинетите за 27-ми април ќе бидат амнестирани, а дел не лидерот на ВМРО ДПМНЕ вели дека тие понудиле решение, но не добиле поддршка.

„Предложивме закон за амнестија, видовте како заврши иако кажавме дека сме подготвени да се моделира ако постоеше чесна намера од другата страна. Ќе го повторам и вториот дел од ставот, дека доколку кое било законско решение нуди одговор на овој политички прогон што и се случува на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, на нејзини поранешни и сегашни функционери, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи“, подвлече Мицкоски.

Инаку, пратениците на ВМРО ДПМНЕ не учествуваат во работата на телото за помирување.