Бидете одговорни велосипедисти, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, советува РСБСП

Велосипедот се наметнува како неопходен начин за учество во сообраќајот. Растот на цените на енергенсите, зголемената фреквентност на сообраќајот, убавото време, но и здравиот начин на живот, се едни од клучните причини зошто треба да се избере велосипед како превозно срество. Истражувањата покажуваат дека на растојание до 5 километри, во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство во однос на автомобилот, од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување на посакуваната дестинација и од аспект на полесно паркирање. Паркингот за велосипеди е секогаш достапен, бесплатен и одзема многу помалку простор, стои во соопштението на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и патиштата, РСБСП.

Додаваат дека, велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот и треба да се почитуваат како и останатите моторизирани и немоторизирани учесници во сообраќајот.

„Бидете внимателни возачи и внимавајте на велосипедистите во сообраќајот. Но, и велосипедистите исто така се должни да внимаваат на останатите учесници во сообраќајот“, се вели во соопштението.

РСБСП советува велосипедистите да го почитуваат следното:
• да се движат што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека, односно лента; • пешачките премини да ги поминуваат низ пропишаната црвена патна лента лоцирана непосредно до сообраќајната зебра, а доколку нема, пешачкиот премин да го преминат симнати од велосипедот; • ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, да се движат по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот; • на велосипедски патеки кои се уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, треба да се движат по десната страна во правецот на движењето; • брзината за велосипеди кога се движат по велосипедска патека или лента е ограничена на 25 km/h.