Бигорската Обител го прослави именденот на епископ антаниски г. Партениј

Бигорската Обител деновиве го славеше споменот на светиот Партениј Лампсакиски, светецот закрилник на епископот Антаниски г. Партениј.

Огромно мнозинство верници и пријатели на Бигорскиот манастир присуствуваа на богослужбите, а посебна радост предизвика посетата на Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој беше личен претставник на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, испратен од него за да му го честита именденот на владиката Партениј.

Уште при своето доаѓање во Бигорскиот манастир, високиот претставник на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, на владиката Партениј му подари панагија. Митрополитот г. Кирил, во своето топло обраќање кон епископот Партениј и монашкото братство, меѓу другото рече:

– Ја имам таа особена чест и тој голем благослов да се наоѓам овде, како претставник на неговата Божествена Сесветост, нашиот многупочитуван господин и владика, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Дојдов со голема радост, драги браќа, бидејќи со вашиот многу ценет старец нè поврза љубовта Христова и пожртвуваноста за православната вера и за Црквата. Дојдов и да му возвратам признателност, љубов и благодарности. Дојдов и за да се израдувам заедно со него за претстојниот празник на споменот на Светиот Партениј епископот Лампсакиски. Дојдов, за да ја споделам со Владиката и со сите вас убавината на единството“, рече митрополитот г. Кирил.

На Вечерната богослужба во чест на свети Партениј Лампсакиски, среде огромното присуство верници се обрати епископот г. Партениј, кој искажа посебна благодарност кон својот светец и закрилник.

Меѓу другото, тој топло му се заблагодари на Митрополитот Кирил за неговото доаѓање, но упати и посебна благодарност до патријархот Вартоломеј за патријаршискиот благослов по повод неговиот именден:

– Му благодарам особено на мојот небесен закрилник, Светиот Партениј, што ја услиши мојата молба и оваа година ја збогати својата слава со драгоценото за нас присуство на нашиот драг и сакан пријател и брат во Господа, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедес г. Кирил, кој допатува во нашата Свештена Обител со благослов токму на Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј и ни ги донесе неговите татковски молитви и благопожелби, поради што сум силно трогнат и бескрајно благодарен. Сакам уште еднаш лично да Ви се заблагодарам, свет владико на Имврос и Тенедос, за честа и радоста со кои ме удостоивте мене последниот, прифаќајќи ја поканата да дојдете кај нас, рече во своето обраќање владиката Партениј.

Големиот број верници кои пристигнаа од сите краишта на нашата земја, но и пошироко, имаа можност да го слушаат пеењето на славниот грчки хор „Тропос“, кое го исполнуваше храмот со големо умиление.

Во име, пак, на сите монаси и монахињи од Бигорскиот, Раичкиот, Пречистанскиот и Кнежинскиот манастир се обрати архимандритот Доситеј, кој срдечно му го честита именденот на владиката Партениј и меѓу другото рече:

– Чудотворецот Лампсакиски Свети Партениј денес повторно нè собра, за молитвено да го прославиме неговиот чесен спомен, а истовремено да го испочитуваме и именденот на нашиот свет старец, епископот г. Партениј. Оваа година, тој по 28 пат го слави својот истоимен небесен патрон.

Поминаа, значи, речиси три децении од неговото пастирствување како старец и игумен во овој свештен дом на Чесниот Претеча и тие три децении се преполнети со многубројни дела и подвизи во слава Божја, со големи и возвишени нешта, со непрестајни молитви и срдечни воздишки, а се разбира и со не мали искушенија што, по Божјо допуштение и со Божја сила, ги претрпувал за доброто на сите нас, истакна отец Доситеј.

Следниот ден, на литургиското торжество се придружи и надлежниот архијереј, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Плаошки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој честитајќи му го именденот на отец Партениј, му ја изрази својата силна татковска поддршка и благопожелби. Тој како добар домаќин, од чест кон Првопрестолната Црква, му го препушти чиноначалствувањето на ценетиот јерарх од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил.

На крајот од Светата Литургија, почитуваниот Митрополит г. Кирил му ја искажа својата лична почит, како и почитта и благословите од Вселенскиот Патријарх на надлежниот владика, г. Тимотеј и му посака добро здравје и долгогодишно пастирствување.

Нарекувајќи го значаен и мудар Митрополит, кој работи со смирение и со чесност, промовирајќи го единството и каноничноста на Црквата, митрополит Кирил на митрополит Тимотеј му подари сребрен медалјон, изработен во чест на 30-годишнината од патријархувањето на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Во оваа прилика тој ги искажа следниве зборови полни со братољубие:

– Јас ја имам честа да доаѓам од Константинопол, од сечесната Вселенска Патријаршија, Мајката на Црквите. И доаѓам за да ги пренесам благопожелбите, љубовта и целивите на нашиот Вселенски Патријарх, најпрво на Архиепископот г. Стефан, потоа

на мудриот, возљубен и честит Митрополит г. Тимотеј, и секако, на оној кој празнува – Преосвештениот г. Партениј. Лично, му благодарам на Неговата Сесветост што ме испрати, за да бидам овде како негов претставник, но му благодарам и на светиот партироначалник г. Тимотеј, којшто со својата канонска дозвола денес ни ја даде можноста да служиме во неговата епархија, во неговиот манастир“, истакна ценетиот гостин.

Во таа прилика, надлежниот Митрополит г. Тимотеј, срдечно се заблагодари, упатувајќи благодарности и до Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј:

– Ја користам оваа прилика од името на браќата сослужители денеска и од свое име, од име на викарниот архијереј и на сите верници што се денеска тука, да Ви се заблагодарам на Вашите убави зборови, но уште повеќе благодарност да искажам кон Неговата Сесветост Патријархот г. г. Вартоломеј, Првопрестолниот Архијереј на светата православна Црква. Искажувам уште еднаш благодарност и за подарокот, што ќе го чувам за спомен, кој ќе ме потсетува на оваа Литургија, меѓутоа ќе ме потсетува и на прекрасните моменти што ги имавме за време на првото архијерејско сослужение на Литургијата на Светата Педесетница во Цариград. Го очекуваме и Неговата Сесветост да дојде во Охрид и да ни даде Томос за долгоочекуваниот момент којшто македонскиот народ го очекува од Вселенскиот Патријарх, рече меѓу другото владиката Тимотеј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.