Бигорскиот манастир одбележува илјада години од основањето

Главната и централна прослава на великиот јубилеј 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир ќе се одржи денеска со почеток во 9:00 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршувањето на литургијата пред присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски.

Митрополитот г. Тимотеј и епископот г. Партениј, пак, ќе доделат ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

Поради зголемениот број случаи на заразени од Ковид-19, како и засилените мерки и препораки на Министерството за здравство и на другите здравствени институции, прославата на 1000-годишнината ќе се одвива со строго запазување на предвидениот протокол за заштита.

-Програмата денеска, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на Манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и два видео-екрани. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето на маски и одржувањето на потребното растојание се задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари, коишто ќе се грижат бројката на посетители да не го надмине дозволениот капацитет според протоколот за заштита, соопштуваат од Манастирот.

По тој повод е објавен пригоден видео спот „1000 години Бигорски манастир“, специјално подготвен за милениумскиот јубилеј од страна на продукциската куќа „Дрим фектори“.

За прославата ќе биде обезбеден директен пренос на МТВ, на Фејсбук страница и Јутуб каналот на Бигорски и на Фејсбук страницата на МИА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.