БиХ: Додик се надева на наклонетоста на Трамп, откако Баjден бил „смртен непријател“

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во четвртокот се пофали дека само тој и унгарскиот премиер Виктор Орбан отворено го поддржувале Доналд Трамп во Европа за време на изборната кампања, па сега се надева дека новата администрација во Вашингтон ќе има пријателски односи со Република Српска, додека во Федерацијата Босна и Херцеговина не очекуваат промени во американската политика.

Во средата, Додик и неговите приврзаници гласно ја прославија победата на Трамп на претседателските избори во САД, но подоцна истиот ден доби вест дека еден претприемач близок до него и компанијата со која раководи се ставени на црната листа на американското Министерство за финансии, бидејќи биле идентификувани како дел од наводната „мрежа која го поддржува личното збогатување на Додик и членовите на неговото семејство“.

Додик ден подоцна го коментираше тоа и тврдеше дека тоа е одмазда од администрацијата на Џо Бајден, велејќи дека се надева дека тоа ќе се промени по враќањето на Трамп во Белата куќа.

„Бајден и неговата администрација беа смртни непријатели на Република Српска мило ми е што си заминаа“, им рече Додик на новинарите, кој вели дека во изминатите 30 години во САД креирале лаги на сметка на босанските Срби и дека затоа го измислиле „геноцидот“ во Сребреница како и „злосторствата“ во сараевската населба Маркале.

Уште еднаш упати навреди на адреса на актуелниот американски амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи, кого го нарече „смрдеж“ и „криминалец“ и рече дека дури по неговото заминување ќе следи „рехабилитација на односите“ со САД.

Додик е под режим на двојни американски санкции од 2017 година, кога администрацијата на Барак Обама ги воведе поради наводно загрозување на спроведувањето на Дејтонскиот договор, а во 2022 година пристигна нова рунда санкции за корупција.

Синот на Додик, Игор и ќерката Горица, како и сите негови клучни политички соработници, од членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ до голем број министри во владата на Република Српска, се под санкциите воведени од американското Министерство за финансии.

Додик се надеваше дека Трамп ќе ги укине санкциите во првиот мандат, но тоа не се случи, а сега претпазливо се надева дека поради неговата поддршка за Трамп, новиот американски претседател ќе има поголемо разбирање за него.

„Не можам да кажам дека имам надеж“, изјави Додик, додавајќи дека засега само се надева дека ќе има некаква можност за комуникација со новата аминистрација во Вашингтон што би му ја олеснила функцијата. Тој тврди дека веќе се воспоставени некои контакти од овој вид.

За разлика од Додик, политичарите во Федерацијата Босна и Херцеговина сметаат дека нема да има значителни промени во односот меѓу САД и Босна и Херцеговина. Премиерот на тој ентитет и лидер на SPD BiH, Нермин Никшиќ, во четвртокот потсети дека републиканската и демократската администрација во САД претходно се менувале, но политиката на Вашингтон секогаш била иста, заговарајќи поддршка за интегритетот на БиХ и зајакнување на нејзините институции, како и патот кон членство во ЕУ и НАТО.

„Сигурен сум дека ново-стариот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе ја продолжи десетгодишната политика на САД за поддршка на Босна и Херцеговина, нејзиниот суверенитет и интегритет и на сите наши граѓани“, напиша Никшиќ на својот официјален Facebook профил.

Слично размислува и претседателот на HDZ BiH, Драган Човиќ, кој вели дека е убеден дека промената во Белата куќа нема да влијае на односот кон БиХ.

„Има неколку причини. Едната е тоа што сме мали и како такви не многу значајни во ниту една стратешка, па дури и тактичка рамка. Сепак, САД направија и инвестираа многу во Босна и Херцеговина и нашите демократски процеси и верувам дека тие и натаму ќе бидат на тој курс. Мислам дека ќе имаме континуитет во американската политика кон Босна и Херцеговина и целиот овој регион“, изјави Човиќ за агенцијата Fena.