Лидерот на босанските Срби, Милорад Додикм во средата изрази изненадувачки оптимизам, прогнозувајќи успешно завршување на преговорите во рамките на владејачката коалиција во Босна и Херцеговина за законите што треба да се усвојат за земјата да ги отвори пристапните преговори со Европската унија.
Ден откако преговорите на партиските лидери, одржани во Мостар, завршија без конкретен договор, Додик беше единствениот директен учесник кој коментираше за таквиот исход и оцени дека сѐ уште „сѐ е на добар пат“.
„Како учесник на средбата ме охрабрува фактот што со часови разговаравме конструктивно и ги движевме работите во вистинска насока, за некои работи ќе се договориме побрзо, за некои побавно, но порати тоа што нашите работни групи вложуваат напор во (изнаоѓање) решенија, а ние во нивното спроведување, велиме дека има волја“, е пораката на Додик на социјалната мрежа Х.
Партиските челници во Мостар требаше да ги усогласат спорните одредби од законот за спречување судир на интереси и за судовите и да ги приближат своите ставови за степенот до кој треба да се промени изборниот закон на Босна и Херцеговина, но не успеаја во тоа.
Претседателот на партијата на хрватскиот ентитет HDZ BiH, Драган Човиќ, изјави дека „меѓу 70 и 90 отсто“ се согласуваат за законите, на чие усвојување во парламентот инситира Европската комисија за да може Европскиот совет да препорача одлука за отворање на преговорите со БиХ, па потребно е да се продолжи со преговорите на експертско ниво за да се постигне конечен договор во следните неколку дена. Човиќ тврдеше и дека атмосферата меѓу партиските партнери е „позитивна“. Ова привремено би значело дека Европската комисија мора да даде препорака за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина пред 20 март, кога за тоа треба да одлучат шефовите на држави или влади на ЕУ.
Клучните точки на меѓупартиските спорови се сведуваат на прашањето дали комисијата за одлучување за судир на интереси ќе гласа врз основа на етничките квоти, дали седиштето на апелационото одделение на Судот на Босна и Херцеговина ќе биде во источно Сараево или во Бања Лука, во рамките на ентитетот Република Српска, и дали сега треба да се менува изборниот законик само во делот што се однесува на воведување нови технологии за следење на изборниот процес или да се договори нов модел за избор на член на Претседателството на БиХ од редовите на Хрватите.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, и лидер на партијата Народ и правда (NiP), која е дел од владејачката коалиција, во пресрет на состанокот во Мостар изјави дека е сосема јасно дека високиот претставник на меѓународната заедница Кристијан Шмит, ќе интервенира и наскоро ќе наметне барем технички измени во изборниот закон, ако тоа го направат домашните политичари.
Шмит претходно предупреди дека овие промени мора да се спроведат веќе во октомври, кога се очекуваат локалните избори во Босна и Херцеговина.
Но, Додик, кој упорно го оспорува мандатот на Шмит, поради тоа што за неговото назначување не е применета вообичаената практика да се разговара на Советот за безбедност при ОН, и со месеци води вербална војна со него, сега повторно го навреди високиот претставник, опишувајќи го како „турист без авторитет“ и вели дека доколку германскиот дипломат интервенира, Република Српска ќе биде принудена да донесе свој изборен закон и да спроведе избори според него. Тој тврди дека верува во можноста за внатрешен договор доколку меѓународната заедница престане да се „меша“ во актуелните процеси во Босна и Херцеговина.
„Накратко, Босна и Херцеговина може да функционира само како мала ЕУ или воопшто не може да функционира, полна со дискусии и компромиси кои не се по волја секому, но не смеат да бидат на штета на никого“, заклучи Додик во помирлив тон.
Еден од лидерите на опозицијата во Република Српска и поранешен министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, за новинарите во Бања Лука изјави дека има индиции дека Додик, сепак, ќе се согласи седиштето на апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина да биде во источно Сараево.
Актуелниот претседател на Република Српска најмногу го предизвикува интересот на јавноста по своите запаливи изјави во кои тврди дека договорите во БиХ се невозможни и дека земјата ќе се распадне докулку се инсистира на одземање на ингеренциите на српскиот ентите што според него е спротивно на мировниот Дејтонски договор од 1995 година, субјектот што тој го предводи ќе прогласи независност после тоа.