Припадник на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (OSА) по наредба на државниот суд во четвртокот е приведен од полицијата во Бања Лука, а медиумите јавуваат дека тој е советник на поранешниот директор на агенцијата Осман Мехмедагиќ, кој од таа функција беше разрешен од актуелната власт.
Портпаролката на Државната агенција за истраги и заштита (SIPA), Јелена Миовчиќ, потврди за медиумите дека агентите на оваа служба извршиле претрес во регионалниот штаб на OSA во Бања Лука во рамките на истрагата што ја спроведува Обвинителството на БиХ на барање на Министерството за внтрешни работи на Сараевската жупанија.
Таа не појасни за што точно станува збор, но медиумите јавуваат дека цел на истрагата е Синиша Ракита, кој бил советник на поранешниот директор Мехмедагиќ.
Ова тврдење го објави порталот Dnevni avaz, додавајќи дека акцијата е поврзана со истрагите започнати по дешифрирањето на заштитената апликација Sky, која ја користеле стотици луѓе поврзани со криминалот во Босна и Херцеговина.
Порталот Report.ba објави дека Ракита по сослушувањето е ослободен, а тој наводно е осомничен за оддавање службена тајна. Овој извор тврди дека Ракита давал доверливи информации на различни криминални групи.
По смената на Мемехагиќ од седиштето на OSA во Сараево, тој е префрлен на работа во Бања Лука.
Мехмедагиќ беше разрешен од функцијата директор на OSA во февруари годинава, а веќе во март американската администрација го вклучи на листата на санкционирани лица. Тој е означен како одговорен за злоупотреба на службената положба, односно за незаконско прислушување на политичките противници на Партијата за демократска акција (SDS), со чиј претседател Бакир Изетбеговиќ е тесно поврзан.