БиХ повторно го активира проектот за барање нафта

Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина одлучила повторно да го поттикне истражувањето на потенцијалните наоѓалишта на нафта и природен гас на територијата на овој босанскохерцеговски ентитет, па ќе биде распишан тендер за избор на стратешкиот партнер кој би го водел овој проект, потврди во средата во Сараево ентитетскиот министер за енергетика, рударство и индустрија, Нермин Џиндиќ.

На новинарите им изјавил дека владата донела одлука во следните петнаесет дена да биде распишан меѓународен конкурс за избор на партнер кој ќе инвестира во натамошните истражувања и ќе го води целиот проект.

На заинтересираните партнери на располагање им е документацијата за чиешто преземање треба да платат 20.000 долари. Таа се темели на поранешни истражувања кои покажале дека нафта и гас во БиХ има на четири локалитети со вкупна површина од малку повеќе од 5.000 квадратни километри.

Џиндиќ појаснил дека најголемиот дел од ова подрачје е на босанскохерцеговските Динариди, малку помалку има потенцијално наоѓалиште во околината на Тузла, а уште два помали локалитети на кои во БиХ се убедени дека содржат резерви нафта се во Босанска посавина.

„Тоа е повеќе од добро документирано, особено за подрачјето на Тузла“, рекол ресорниот министер додавајќи дека расположливата документација на основа на којашто би требало да се спроведуваат натамошните истражувања на теренот се засноваат на онаа студија којашто е работена пред повеќе децении, односно во поранешната Југославија, кога пробните дупчењата покажале дека во БиХ има наоѓалишта на нафта. Таа нафта делумно е и експлоатирана, но поради тогашното ниво на технолошка опременоста, како што појаснил Џиндиќ, со тоа не можело да се продолжи.

Изборот на стратешкиот партнер за продолжување на истражувањето, би требало да следи во рок од шест месеци.

Мултинационалната компанија „Shell“ претходно го водеше пректот за истражување на потенцијалните наоѓалишта на нафта во БиХ врз основа на меморандум кој со владата на Федерацијата на БиХ го потпишала во 2011 година. Меѓутоа, од проектот сепак се откажа во 2015 година. Целосно образложение за таквата одлука тогаш немало, а како причина за откажвуањето од „Shell“ тогаш навеле дека натамошните вложувања во истражувањата се неисплатливи имајќи ја предвид тогашната состојба на светскиот пазар на нафтата.

Прелиминарните процени на експертите на „Shell“ биле дека најинтересни потенцијални наоѓалишта биле токму во областа на Динаридите, каде нафта би моќело да има на длабочини меѓу 4.000 и 8.000 метри, а во такви околности во секоја потенцијална бушотина би требало да се вложи до 75 милиони американски долари.