БиХ: Преговорите со ЕУ за едни се победа на дијалогот, за Додик пат кон „сите Срби во една држава“

Препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина е доказ дека политиката на компромис и дијалог дава резултати, изјави во вторник лидерот на владејачката SDP BiH, Нермин Никшиќ, додека лидерот на босанските Срби, Милорад Додик го гледа пристапувањето на БиХ во ЕУ како можност „сите Срби да бидат во една држава“.

Коментирајќи ја најавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека ќе биде испратена препорака до Европскиот совет за да може ова тело формално да донесе одлука за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина следната седмица, Никшиќ, кој е исто така и премиерот на Федерацијата БиХ, за локалните медиуми изјави дека е важно што во Брисел препознале колку актуелната влада постигнала во спроведувањето на реформите.

„Ја отворивме главната врата на ЕУ и нема враќање назад“, изјави Никшиќ, цитиран од порталот Dnevni avaz.

Високиот функционер на партијата Народ и правда (NiP), Денис Звиздиќ, кој е и заменик-претседател на Претставничкиот дом на парламентот на БиХ, тврди дека очекуваните преговори се резултат на одговорната политика на чиишто промотори ги нарече партиите на „тројката“. „Ова носи стабилност и просперитет, наместо непродуктивни и дестабилизирачки блокади и меѓупартиски борби“, рече Звиздиќ.

Со ова се согласува и државниот министер за правда Давор Буноза од HDZ BiH. „Што и да мисли некој, ова е резултат на компромис, каде што најмногу профитираше Босна и Херцеговина“, рече Буноза.

Партијата SDP СДП заедно со Наша партија (NS) и Народ и правда (NiP) го формираат bошњачко-граѓанскиот блок во владејачката коалиција во БиХ, во кој се вклучени и HDZ BiH, на хрватскиот ентитет, и Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) на српскиот лидер Милорад Додик.

Оваа коалиција беше формирана по изборите во октомври 2022 година, а власта ја презеде во јануари минатата година. Оттогаш, тие успеаја да обезбедат парламентот на БиХ да ги усвои законите за спречување на перење пари и финансирање тероризам и за конфликт на интереси, а отворени се и преговори со Фронтекс. Во декември минатата година, Европскиот совет го постави ова како услов за отворање на преговорите, а беше побарано и усвојување на законот за судови, како и измени на изборниот закон со цел да се обезбеди подобар надзор на изборниот процес.

Тие две законски решенија сѐ уште не се усвоени, но Европската комисија оцени дека она што е претходно направено е доволен доказ за подготвеноста на актуелната влада во Босна и Херцеговина да ги спроведе реформите.

Никшиќ оцени дека сето тоа е резултат на одлуката да се води политика на дијалог и компромис, притоа избегнувајќи „популистичко претерување“ и „лажен патриотизам“.

„Тоа даде огромен резултат“, рече лидерот на SDP BiH, кој во изминатите месеци видно избегнуваше да се расправа со Додик секогаш кога тој го провоцираше бошњачкиот граѓански блок или изразува евроскептицизам.

По објавата на Фон дер Лајен, Додик на социјалната мрежа Х го објави својот коментар во кој наведува дека влезот на БиХ во ЕУ всушност е своевидна реализација на неговата идеја сите Срби да живеат во една држава.

„За нас европскиот пат е важен, бидејќи претставува исполнување на голема национална цел – живот на Србите во економски и национален простор без граници“, напиша Додик.

Тој го поздрави очекуваното отворање на преговорите, но со жалење бидејќи сѐ уште не се знае кога би можеле да започнат. Истовремено, тој истакна дека очекуваното отворање на преговорите е во најголема мера заслуга на Република Српска и им се заблагодари на своите пријатели, меѓу кои ги вбројува Хрватска, Унгарија, Србија, Австрија и Словенија.