БиХ во пикот на епидмијата, а на боледување се стотици здравствени работници

Бања Лука

Стотици лекари и други медицински работници во Босна и Херцеговина се на боледување во периодот кога земјата го доживува врвот од епидемијата на Covid-19 од која до понеделникот заболеле повеќе од илјада а починале 39 луѓе.

Со коронавирусот во БиХ се инфицирани 1018 луѓе, а жариштата се во Бања Лука со 257 случаи, Читлук со 81, Мостар со 55 и Широки Бријег со 48 случаи. Во главниот град Сараево заразата е потврдена кај 55 лица.

Меѓутоа, властите ги загрижува податокот дека во екот на епидемијата на боледување се дури 700 лекари и друг медицински персонал. Постојат сомневања дека меѓу нив се и оние коишто на тој начин сакаат да го избегнат ризикот од инфекција на работното место.

Директорката на клиничкиот ценатар во Сараево, Себија Изетбеговиќ, предупредува дека станува збор за многу сериозен проблем кој се заканува со кататрофално уривање на здравствениот систем.

„Отсекогаш имаме проблеми со лажните боледувања и тврдам дека и во овие тешки моменти две третини од медицинските работници неоправдано отсуствуваат од работа“, вели Изетбеговиќ за дневниот весник Dnevni avaz.

„Ги среќавам своите вработени како шетаат по градот, а некои од нив самите себеси си отвориле боледување. Ја следиме оваа аномалија, којашто на врвот од тешката и неизвесна борба против ова зло се коси со Хипократовата заклетва и дојдовме до сигурно сознание дека главно станува збор за исти лица“, додава.

Директорот на сараевскиот Здравствен дом, Мухамед Амиќ, најавува санкции за неоправданите боледување. Тој им наложил на лекарите да ги заострат критериумите за одобрување боледувања и некритичкото отворање ќе биде казнето.