Билчик: ЕУ нема да ги менува правилата за преговори со Црна Гора

Копретседавачот на Парламентарниот комитет на ЕУ и Црна Гора за стабилизација и асоцијација (ПОСП) Владимир Билчик изјави дека за Црна Гора нема да се менуваат правилата во пристапните преговори со Унијата.

Билчик на состанокот на ПОСП во Подгорица истакна дека Европскиот парламент ја поддржува политиката на проширување на Унијата. Тој смета дека счленството во ЕУ е најдобар начин за развој на Црна Гора и нејзин просперитет, јави РТЦГ.

– Црна Гора мора да продолжи со исполнување на задачите во преговарачкиот процес без страв дека правилата можат да се сменат. Преговарачката рамка за Црна Гора нема да се менува. Многумина тврдеја дека ќе се менува, но немаме намера да ги менуваме правилата за време на самата игра. Тоа не би било фер, потенцира европарламентарецот од Словачка Билчик.

Претседателот на црногорското собрание и копретседавач на ПОСП Иван Брајовиќ изјави дека европската интеграција е единствен пат за државите од Западен Балкан. Тој повика на дефинирање долгорочна политика на ЕУ во однос на економскиот развој на регионот.

– Охрабрени сме од пораките на бриселските функционери дека интеграциите остануваат стратешка определба и на новиот состав на европските институции кои се подготвени да дадат нов поттик на политиката на проширување. Новата политика треба да овозможи подобро темпо и поголема предвидливост на самиот процес, потенцираше Брајовиќ.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора Аиво Орав изјави дека новата методологија на проширување треба да го унапреди процесот на пристапување кон Унијата. – Тоа е добро за Црна Гора, но и за целиот регион, вели тој.

– Не ги поместуваме стативите за Црна Гора среде игра, туку го унапредуваме процесот. И натаму ни е цел членство на сите земји од Западен Балкан во ЕУ. Новата методологија отвора можност за подинамичен процес, истакна Орав.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.