Билиќ: Меси, Роналдо и Мбапе ќе држат цена, но работите ќе се променат за останатите

Поранешниот селектор на репрезентацијата на Хрватска, Славен Билиќ, изјави дека се очекува пандемијата на коронавирус да има значително влијание врз фудбалските трансфери.

Актуелниот менаџер на англискиот второлигаш Вест Бромвич Албион, смета дека само врвните фудбалери како Лионел Меси и Кристијано Роналдо ќе ја задржат својата цена, но за остатокот ситуацијата ќе се смени и ќе преовладуваат размените и давањето под наем.

– Тековната криза нема да влијае само врз фудбалот. Секако, како што вредноста на Ферари или стан во центарот на Лондон нема да падне, така ќе останат и богати клубови кои ќе можат да ги купат најдобрите играчи. Мбапе, Меси, Роналдо – никогаш нема да изгубат од вредноста, но „обичните“ фудбалери сепак ќе страдаат. Ќе има многу размени и отстапувања, како во НБА. Исто така, мислам дека некои од високите провизии на агентите за трансфери ќе останат во минатото, коментира Славен Билиќ пред таблоидот „Сан“.