Билт: Франција ја турка ЕУ кон стратегиска катастрофа

Нема сомнение дека Брегзит е стратегиска катастрофа за Европската унија. Но, се чини дека малкумина разбираат дека ЕУ се движи кон друга стратешка катастрофа – овој пат на Балканот, оценува поранешниот шведски премиер и специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија, Карл Билт, во колумна за „Вашингтон пост“.

– Минатата недела Франција стави вето на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија, наспроти повторената позитивна препорака на Европската комисија и волјата на другите земји-членки. Со тоа може да се урне повеќедеценискиот стратешки пристап на ЕУ кон Балканот, предупредува Билт.

Потсетува дека од завршувањето на балканските конфликти во деведестите, приоритет на ЕУ беше  воспоставување долгорочна стабилност на овој проблематичен дел од континентот. Но, нагалсува Билт, да се ​​стави крај на војните е една работа, но да се изгради вистински мир бара долгорочен напор, особено околу мирната интеграција.

– Во 2003 година, на Самитот во Солун, европските лидери официјално се обврзаа да ја отворат ЕУ за членство на сите земји од Западен Балкан. Оттогаш, ова беше светилникот што ги инспирираше и ги водеше политиките на земјите во регионот, со цел да ги реформираат економиите и општествата, да се надминат поделбите од минатото и да се подготват за европската иднина. Тоа сигурно не беше лесно и напредокот е бавен во многу области. Но, во регион кој е распнат меѓу силите на распаѓање и на интеграција, рамнотежата очигледно се префрли од првото на второто, во голема мера благодарение на европската перспектива. Но, овој проект се става во опасност со одлуката на Франција за Северна Македонија. Никој не сметаше дека членството на Северна Македонијаво ЕУ ќе се одвиваше брзо. Прашањето беше за започнување на децениски процес на преговори и реформи инспирирани од таа перспектива. Впрочем, Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција со кој се реши долгогодишниот спор за името на земјата, требаше да биде де факто предуслов за започнување на европскиот пат. Сега, Париз вели дека ова ќе мора да почека додека не се направат некои недифинирани реформи во ЕУ во наредните години, а можеби и децении, вели Карл Билт.

Таквата француска позиција, според него, е лоша сама по себе, но последиците од одлуката одат многу подалеку. Укажува дека француското вето не беше вето само против Северна Македонија и Албанија, туку и против целиот процес на проширување на Западен Балкан, потопувајќи ја целата политика на проширување. Можеби не беше напишано експлицитно, но, имплицитно, тоа исто така значи вето и за Србија, Црна Гора и Босна и Хецеговина. Тоа, вели Билт, неминовно ќе има последици и на другите нерешени проблеми во регионот.

– Со можноста за евроинтеграција, Србија требаше да избере помеѓу својата иднина со Европа и минатото со Косово, а со тоа да се нормализираат односите меѓу Белград и Приштина. Ако Европа ја затвори вратата, ова станува неизмерно потешко. И со сите свои тензии, иднината на Босна секако ќе биде многу постабилна ако земјата беше вклучена во европските структури. Францускиот претседател Емануел Макрон зборува елоквентно за одговорноста на Европа и сака да се позиционира како фигура што ја започнува новата траекторија на ЕУ од глобално значење. Сето тоа е добро и добро – и итно е потребно – но тешко компатибилно со уривањето на кредибилитетот на ЕУ во самата Европа, истанува Билт.

epa07346381 French P

Потсетува дека последиот обид за посуштински ремонт на ЕУ беше со таканаречениот Уставен договор, но тој беше урнат со референдумот во Франција во 2005 година. Никој оттогаш не се осмели повторно да ги заживее овие напори. А дали Париз е искрен за својата подготвеност да се отвори кон нови членки во иднина, отворено треба да биде ставено под сомнеж. Се плашам дека малкумина се подготвени да сметаат на тоа, наведува Билт.

Вели дека Франција можеби никогаш не била ентузијастички поддржувач на проширувањето на ЕУ, но генерално го прифати процесот и среќно живееше со резултатот.

– Сепак, Франција направи сè што можеше за да ги блокира перспективите за пристапувањето на Турција. Иако влијаеја и други фактори, ова играше улога во придвижувањето на Турција во друга насока. Додека Турција во минатото беше стратегиска можност за Европа, таа сега се претвори во стратегиска опасност за Западот. Гледајќи нанапред, ризикот е дека истото може да се случи на Балканот. И додека балканските земји ќе останат економски зависни од ЕУ, неизбежното забавување на потребните реформи и на евроинтеграцијата, веројатно ќе принуди уште повеќе млади луѓе од Балканот да ја бараат својата иднина во ЕУ. Оние што остануваат може да бидат повеќе привлечени од опасните политики на национализмот и носталгијата. Лишени од иднина, тие можеби ќе бараат враќање во минатото. И на крајот на краиштата, тоа е Балканот. Видовме дека тоа се има случено и претходно, вели Карл Билт, во колумнаta за „Вашингтон пост“