Бислимовски: Инвестиции од 300 мегавати се приклучуваат на мрежа годинава

Нови 300 мегавати инсталиран капацитет од обновливи извори за енергија се очекуваат да бидат приклучени на мрежа годинава, што е двојно повеќе од минатата година обелодени Марко Бислимоски, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и претседател на Бордот на регулатори од Енергетската заедница на Енергетскиот Самит во Неум, Босна и Херцеговина.

„Со ова темпо на инвестиции за производство на струја од обновливи извори на енергија, државава за година и половина ги достигна таргетите од Зеленото сценарио што требаа да се реализираат до 2040 година од Енергетска стратегија. Ние треба сега да ја ревидираме Енергетската стратегија во овој дел, затоа што околностите во енергетската криза драстично го променија темпото на реализација на инвестиции за производство на струја од Сонце, ветер и вода.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Напомена дека залихите на јаглен се трошат, а производството се пренасочува кон капацитети од обновливи извори и производство на електрична и топлинска енергија од високо ефикасни комбинирани постројки.

„На нашата мрежа се приклучени производни капацитети со инсталиран капацитет од 2000 мегавати, а во моментов четири пати е поголем интересот за инвестиции во обновливи извори и достигнува 8000 мегавати инсталиран капацитет,од кои најмногу се инвестиции во фотоволтаични централи и ветерни електрани. Решението се гледа во батериите за кои сега работиме на воспоставување на правила и процедура. Батериите и се поизвесната реализација на ХЕЦ Чебрен ќе служат за балансирање во електро-енергетскиот систем во земјава. Тоа е реалноста во процесот на транзиција кон која државата стратешки и со план се има поставено. Несомнено ќе имаме нова нормалност – од земја која до сега домашно производство на струја доминантно се базира на јаглен, сега ќе имаме производство од обновливи извори“ рече Бислимовски.