Битиќи: Државата субвенционира 80 отсто од цената на струјата за сите корисници на регулираниот пазар

„Во овој момент Владата не е подготвена да ја преземе топлификација, има процедури кои мораат да бидат почитувани и неопходна е соодветна анализа. Треба да се почне процедура, да се направи анализа, преку ЕСМ, и со соодветна законска процедура да се преземе сопственоста на тој имот. Никогаш не сме кажале дека може ЕСМ да биде топлификација, како нов субјект во склоп на ЕСМ. Тоа ни во приватен сектор не функционира, има процедури како се влегува во облигациони односи затоа сметаме дека закупот е единствена опција во моментов“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи во „Вин-Вин“ на Телма.

Битиќи ги увери скопјани дека грејната сезона ќе започне во истиот момент кога временските услови ќе го наложат тоа. „Скопје нема друга опција за загревање од топлификација. Договорот за закуп од почетокот на годинава меѓу БЕГ и ЕСМ топлификација, со кој се обезбеди греење за скопјани на крајот на минатата грејна сезона, сѐ уште е во сила и затоа ќе има греење“, рече тој.

Потсети дека според закон, ЕСМ треба да понуди 60 отсто од потребните количини електрична енергија за ЕВН, а Владата донесе одлука 100 отсто од електричната енергија за потребата на регулираниот пазар да се обезбеди од домашни извори. Битиќи порача дека државата со 80 отсто ја субвенционира цената на електричната енергија за сите корисници кои се на регулираниот пазар, која е целосно од домашно производство. Таа е за 653 илјади домаќинства, како и околу 70 илјади економски субјекти, а досега се потрошени 240 милиони евра за субвенционираната цена за сите корисници.

„Не верувам дека сме можеле нешто повеќе да направиме“, рече Битиќи.