Битиќи: Не може цените за 24 часа да пораснат за 20 отсто, ќе реагираат инспекциските служби

„Компаниите кои ги зголемија цените изминативе денови ќе се соочат со соодветен одговор од државните институции, бидејќи нивното однесување во изминати три дена е некоректно и неморално“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи, во одговор на новинарско прашање за воведувањето на антикризни мерки.

– Со особено внимание следиме што се случува овие три дена на слободниот пазар. Одредени компании се однесуваат некоректно, неетички и неморално кон зголемување на цените. Тоа набрзо ќе наиде на одговор од страна на институциите. Не можеме да прифатиме дека цена за 24 часа може да порасне за 20 отсто кога производствената цена не може да порасне 24 часа за 20 отсто. Сметам дека тоа е само манипулација која ја прават кон нашите граѓани и за тоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби. Јас очекувам набргу извештај од инспекциските служби со мерки за сите коишто тоа го имаат направено“, рече Битиќи, кој денеска присуствуваше на отворање на Саем за вработување и кариера во седиштето на Младинскиот ресурсен центар „I Can“ во Гостивар.

Вицепремиерот за антикризните мерки нагласи дека Владата предвидела одредени финансиски средства со ребалансот, што според него е околу 73 милиони евра.

– Веќе ги правиме сите анализи, штом се изгласа ребалансот сметам дека ќе бидат донесени, но антикризните мерки нема да бидат мерки што се сè опфатни. Мора да бидат таргетирани за специфични целни групи коишто се најзагрозени и компании коишто се најзагрозен, кажа Битиќи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.