11.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Битиќи: Обезбедени нови 8 милиони евра бескаматни кредити, фирмите да ја искористат поддршката

Во овие тешки времиња соочени со последиците од коронавирусот, Владата продолжува со реализација на мерки и политики што имаат за цел помош на граѓаните, работниците и стопанството.

Објавен е нов пакет на бескаматни кредити, нови 8 милиони евра им се ставаат на располагање на компаниите.

Минималниот износ на кредит е 3.000 евра а максималниот е 90.000, а за овие кредити компаниите можат да аплицираат веќе од 29 април.

Главниот услов за овој кредит компанијата да има за 30 проценти намален приход во март 2020 во однос на март 2019 или во однос на просечните месечни приходи за 2019 година.

Рокот на отплата на кредитите е до 3 години, со грејс-период од 12 месеци и со обезбедување на меница.

Покрај овие кредити Владата обезбеди и поддршка за работниците погодени од кризата кои ќе добиваат по 14.500 денари месечни приходи за месеците април и мај. Оние кои останале без работа поради кризата со коронавирусот имаат можност да добиваат 50 отсто од просечната плата што ја добивале во последните две години.

За да им се помогне на домаќинствата и компаниите, плаќањето на ратите на кредитите е одложено за 6 месеци, а извршните дејствија на извршителите се стопирани до 30 јуни.

Ова се само дел од мерките со кои им се помага на граѓаните, работниците, на комапниите, полесно да ги предбродат економските последици од коронавирусот.

Во наредниот период следува нов пакет на мерки кој ќе значи уште посилна и уште поконкретна поддршка за нашата, домашна економија.

Со солидарност, со одговорни политики и меѓусебно помагање, ќе се справиме со негативните економски последици од пандемијата на коронавирусот ,рече на прес конференција Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.