Битиќи: Со грантови ќе ги поддржиме угостителите

Ќе има директна финансиска поддршка во вид на грантови за угостителите кои по препорака на Комисијата за заразни болести се затворени, односно не примаат гости.

– Веќе е направен моделот како ќе бидат поддржани угостителите, ќе се земат во предвид приходите остварени во првите три месеци годинава и согласно приходите кои што ги оствариле, еден дел од тие приходи ќе ги покрие државата во форма на директен грант за секој угостителски објект кој што е затворен. На почетокот на следната недела ќе бидат објавени мерките, согласно анализите и можностите во Буџетот ќе ги повикаме сите угостителски здруженија и комори ќе го утврдиме одреден процентот на финансиска поддршка – кажа министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој ги повика работодавачите да не ги отпуштаат работниците, бидејќи ветената поддршка од државата ќе стигне.

– Очекуваме на почетокот на следната недела да се деблокира Собранието и да се донесат законите од Петтиот сет мерки, со кои што е предвидена исплата на плати за работниците за месеците февруари и март – кажа Бектеши.

Тој смета дека оваа сезона во земјава ќе има странски турсти, посочувајќи дека при почетокот на мај ќе се започне со промоција на нашата дражава.

– Јас мислам дека ќе имаме странски гости сезонава. Што се однесува до нашите домашни капацитети ние веќе при крајот на овој месец ќе го објавиме јавниот повик за поттикнување на домашен туризам кој веќе две години го реализираме како Минстерство за економија. Дополнително на тоа ја разгледуваме можностата да ги вклучиме и туристичките агенции да можат да издаваат одредени ваучери кои ги издава Министерството за економија или пак да бидат посредници за нашите граѓани и за нашите туристички објекти и на таков начин директно да им помогнеме. Дополнително на тоа работиме со стопанските комори за одредена промоција на нашата држава која ќе почне при почетокот на мај, значи во тие одредени држави каде што ние и претходно или традиционално сме имале странски туристи, но и таму каде што анализите ни покажуваат дека има потенцијал за да поттикнеме странски туристи – истакна Бектешиж.

Министерот за економија рече дека вредноста на ваучерите за туризам ќе биде уште поголема.

– Вредноста ќе биде уште поголема, а дополнително на тоа ќе биде за сите тие вработени со ниски приходи. Ако има потреба секако дека сумата ќе се зголеми, но истовремено и граѓаните опфатени во програмата ќе бидат зголемени – рече Бектеши.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.