Битиќи: Усогласување на платите ќе има, но сите треба да бидеме свесни за состојбата во која се наоѓаме

Генералниот штрајк очигледно е почнат, за жал сметам дека не се даде доволно шанса на преговорите од страна на СОНК. И покрај неколкуте обиди да преговараме, сепак повикаа на штрајк, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за емисијата „Утрински брифинг“.

Смета дека во одредени региони штрајкувањето е парцијално затоа што некаде самите градоначалници повикале воспитно-образовниот процес сепак да продолжи затоа што децата треба да бидат приоритет, а за сето друго, рече тој, се наоѓа решение на маса на преговори.

-Во Економско-социјалниот совет беа вклучени и СОНК и КСС, иако не се репрезентативни синдикати. На преговорите за минималната плата се договоривме дека усогласувањето ќе се врши во рок од шест месеци, но сепак, само три дена после тие најавија дека на 11 април ќе има штрајк, рече Битиќи.

Тој посочи дека за Владата е највисок приоритет подобрување на животниот стандард на граѓаните и дека покрај порастот на минималната плата, пораснала и просечната од 21.000 на 30.000 денари.

-Усогласувањето рековме дека ќе го има, но притоа мора сите да сме свесни за состојбите во кои се наоѓаме. Истовремено, исходот на преговорите за минимална плата имаше три резултати. Прво – зголемена минимална плата, второ – консензус дека ќе има усогласување, дека за усогласувањето ќе се применува членот 8-А којшто дава период од шест месеци и сите чинители таму рекоа – да, го прифаќаме тој предлог, вклучително и СОНК и другите, и КСС и другите, рече Битиќи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.