Битка за Фулуџа: ИД ги држи цивилите како „жив ѕид“

Ирачките сили и денеска ја продолжија опсадата на Фулуџа, најголемото упориште на Исламската држава (ИД) во Ирак и кон југ ги потиснуваат џихадистите, кои, според тврдењето на портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи, ги користат цивилите како „жив ѕид“.

– Операцијата на ирачките сили од воздух е потпомагната од коалицијата предводена од САД, изјави шефот на командата во провинцијата Анбар, генерал-мајорот Исмаил ел Махалави, пренесува МИА.

Ирачкиот премиер Хајдер ел Абади во понеделникот објави почеток на операцијата за ослобудување на Фулуџа, а од тогаш ирачките сили успеаја да го освојат местото Гарму, кој е во близина на Фулуџа.

Портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи Ахмад Џамал нагласи дека во моментов најголем проблем е тоа што екстремистите на ИД ги користат цивилите како „жив ѕид“.

Џамал истакна дека една од целите на воената операција е да се „намали можниот број на жртви меѓу цивилите“.

Според податоците на ОН, во Фулуџа останале заробени меѓу 60.000 и 100.000 цивили.

Жителитна Фулуџа за „Ју-Ес Тудеј“ изјавија дека како што ирачката војска напредува, џихадистите вовеле полициски час и ги префрлиле луѓето во центарот на градот каде ги користат како „жив ѕид“.

Фулуџа се наоѓа на 50 километри од Багдад.