Биткоинот достигна нов историски рекорд од 38.000 американски долари, со што вкупната вредност на пазарот на виртуелни пари го проби износот од 1.000 милијарди долари.
Според податоците од Коин Метрикс, најстарата и најголемата светска криптовалута се тргуваше утрово на ниво од 38.080 долари, само неколку часа откако го надмина нивото од 37.000 долари.
Биткоинот на дневно ниво зајакна за 7 отсто, додека од почетокот на 2021 година бележи раст од околу 30 проценти. Во последните 12 месеци цената му порасна за речиси 370 проценти.
-Вредноста на целокупниот пазар на криптовалути, на кој освен биткоинот се тргува и со други дигитални монети како етреум и тетер, првпат денеска надмина билион долари, според податоците на порталот Коинмаркеткап.
Биткоинот е далеку најдоминантна криптовалута, со пазарна вредност од над 700 милијарди долари.