
Биткоинот во понеделникот порасна на 106.000 долари, по најавата на Доналд Трамп дека планира да воспостави стратешки резерви на Биткоин слични на стратешките резерви на нафта.
Најпознатата светска криптовалута Биткоин достигна ново највисоко ниво од 106.533 долари.
„Следната бројка што ќе ја бара пазарот е 110 илјади долари“, вели аналитичарот на IG Тони Сајкамор.
Криптовалутите и Биткоинот се катапултирани во центарот на вниманието, бидејќи инвеститорите очекуваат дека новата администрација на Трамп ќе воведе поповолна регулаторна средина, поттикнувајќи го расположението околу алтернативната валута. Биткоинот порасна за 192 отсто оваа година.
На прашањето дали планира да создаде крипто резерви слични на нафтата, Трамп минатата седмица изјави за CNBC News дека токму тоа планира да го направи.
Но, има скептици, а претходно овој месец гувернерот на централната банка на САД, Џером Пауел, го спореди Биткоинот со злато. Аналитичарите посочуваат дека ќе биде потребно време за да се спроведе каков и да е потег во таа насока.
„Мислам дека сè уште треба да бидеме претпазливи во врска со стратешките резерви на биткоин и барем да размислиме дека тоа веројатно нема да се случи наскоро“, вели Крис Вестон, шеф на истражување во брокерската куќа „Pepperstone“.
„Се разбира, секој коментар од Трамп што нуди зголемен степен на надеж дека се развиваат плановите за стратешките резерви очигледен ветер во грб, но тоа ќе дојде со последици што треба внимателно да се разгледаат и добро да им се соопштат на играчите на пазарот“, додава Вестон/
Биткоинот е зголемен за повеќе од 50 отсто од реизборот на Трамп. Според „CoinGeck“, вкупната вредност на криптовалутите се удвоила во текот на оваа година и достигнала 3,8 трилиони долари.
Иако Трамп претходно тврдеше дека криптовалутите се измама, тој ги прифати за време на неговата кампања и вети дека ќе ги направи САД „крипто престолнина на планетата“.
Овој месец, Трамп го назначи поранешниот извршен директор на „PayPal“, Дејвид Сакс, за функционер задолжен за вештачката интелигенција и криптовалутите. Сакс е и близок пријател на Трамп и на неговиот мегадонатор Илон Маск. Трамп, исто така, рече дека ќе го номинира прокрипто адвокатот од Вашингтон, Пол Аткинс за шеф на Комисијата за хартии од вредност и берзи.