Битола, едноставно, мораше да се случи

страшо ангеловски

Откако правилото дека победниците ја пишуваат историјата е прекршено само заради потребите на англо-американската империјална политика, сведоци сме на целосна ерозија на сите досега познати цивилизациски вредности. Вредности кои човештвото, крваво спротивставувајќи се токму на сите досега познати империјалистички политики, макотрпно ги градело. Вредности на обичниот човек, вредности на нормалниот човек, вредности на човек кој сака да си го зачува своето чедо, своето семејство, својот народ и својата држава, своето сеќавање на минатото, својата иднина во свет без болни умови.

За жал, од крајот на минатиот век, кога започна американската доминација со воспоставувањето на униполарноста во меѓународните односи, започна процесот на тивко зомбирање на човештвото, а заради потребата од глобализација, поточно, глобална власт на грст најбогати. (Ќе го повторам податокот дека осумте најбогати луѓе во светот имаат богатство поголемо од она што го поседуваат три милијарди и четиристотини милиони најсиромашни!!!). Зомбирање на луѓе кои не ќе знаат на кој род припаѓаат (машки или женски), на луѓе кои не ќе знаат што е семејство (родител еден и родител два), на луѓе без национална припадност (племето три коси црти).
За да може зомбирањето да биде успешно и за да може новата зомби цивилизација да егзистира, мора да биде сменета историјата, мора да им се дозволи на поразените да им диктираат нова историја на победниците и конечно мора да бидат поразени оние кои им се спротивставуваат.

Изјавата на Џорџ Сорос: „Најдобар и можеби единствен начин да ја зачуваме нашата цивилизација е да го победиме Путин што е можно побргу“… бидејќи „проблемите што го засегаат светот, како одржувањето на глобалните институции, се поместени поради војната во Украина“, е најдобрата потврда за тоа. Потврда дека започна војната меѓу зомби цивилизацијата и традиционалната цивилизација, војна меѓу цивилизацијата на доларот и цивилизацијата на моралот.

Овде, за јасно да ја разбереме разликата во цивилизациите, морам да го цитирам писмото на еден од најголемите светски поети Сергеј Есенин, испратено од Америка пред точно 100 години: „Што да кажам за ова најужасно царство на малограѓанштината која се граничи со идиотизам… Човек овде се’ уште не сретнав и не знам каде би можел да го најдам. Во најголема мода е господинот долар… Јас ни книги овде не сакав да издавам, зашто овде никому и не му требаат… Душата, овде на западот, лицемерно ја продаваат за долар, или како непотребна ја менуваат за бездушност. Нека бидеме ние и сиромашни, нека не притиска студ и глад… но, затоа имаме душа што не е на продажба“.

И, за да не должам, најпрво започна релативизирањето на победата над фашизмот за да се минимизира советското (читај: руското) учество со 27 милиони жртви во ослободувањето на Европа од фашизмот и да започне процесот на нацификација во реализираниот сон на Хитлер, европската наддржава – Европската Унија. Па, преку процесот на нацификација да се инсталира зомби цивилизацијата, со што декаденцијата на западнохристијанските општества го достигнува својот врв.

Каде е тука Македонија?

На македонскиот народ, како еден од ретките, ако не и единствен покрај рускиот, кој сам ја извојува победата над фашизмот, последниве години му се брише антифашистичката меморија, но со бришење на одлуките од АСНОМ од Уставот, се брише и антифашистичкиот карактер на државата Република Македонија. Со тоа, за жал, се овозможува нејзино бришење и создавање нова државна творба, без корен и без државотворна историја – Република Северна Македонија. За таа цел, на државите кои поради своето учество во Втората светска војна на страната на нацизмот и фашизмот, се најдоа на страната на поразените, Албанија и Бугарија, им се дозволува да ја менуваат и да ја пишуваат историјата на македонскиот народ. Дел од тој антицивилизациски процес, покрај менувањето на името под притисок на наследниците на грчкиот монархофашизам; глорификација на фашизмот преку чествување на фашистичкиот платеник Џемо Хаса; е и отворањето на клубот во Битола со името на нацистичкиот соработник Ванчо Михајлов, под патронат и загриженост на бугарската Влада, што претставува отворен чин на славење на нацизмот.

И, доколку се навратиме на 11 октомври 1941-та и нападот на македонските антифашисти на Участакот во Прилеп како отпор кон симболот на нацистичката моќ и окупација, со што беше испратена слободарската порака, палењето на влезната врата на клубот во Битола е токму чин на отпор кон симболот на денешново славење на нацизмот и менување на историјата. Чин кој, во контекст на она што последниве години му се случува на македонскиот народ и македонската држава, мора да биде сфатен единствено како порака до европската наддржава и нејзиниот извршител – официјална Софија, да се престане со обидот за бришење на историјата на македонскиот народ и неговото постоење. Порака испратена од името на сите Македонци.

На крајот, останува официјална Софија да се изјасни дали е загрижена за уништување на влезната врата на еден објект кој ниту се наоѓа на нејзина територија, ниту е нејзина сопственост, или е загрижена за сквернавењето на споменот на нацистичкиот соработник со што би ја потврдила својата пронацистичка определба. Истото прашање, секако, важи и за македонската Влада, македонското обвинителство и македонските судови. Доколку чинот на палење на влезната врата обвинителството го смета за нанесување материјална штета, тогаш, иако не сум правник, логиката ми говори дека сторителот, во случајов Ламбе Алабакоски, ниту може да биде кривично гонет, ниту задржан во притвор. Доколку, пак, го сметаат за чин на сквернавење на споменот на Ванчо Михајлов, тогаш треба јасно да ја истакнат својата пронацистичка определба. Да знаеме на што сме и да знаеме како со нив да се однесуваме.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес