Бизнисмен од Црна Гора со нови снимки за наводна корупција во Обвинителството

Пребегнатиот црногорски бизнисмен Душко Кнежевиќ објави денеска снимка на која наводно разговара со секретарот на Врховното државно обвинителство Ненад Вујошевиќ кој тврди дека главниот специјален обвинител Миливоје Катиќ му ветил дека ќе го пушти на слободат кумот на Кнежевиќ.

Мажот на снимката тврди дека се состанал со главниот специјален обвинител и на Кнежевиќ му гарантира дека неговиот кум Дејан Секулиќ уапсен во август, ќе биде пуштен на слобода „ в понеделник“. Мажот на снимката го моли да не објавува снимки и дека му гарантира дека Секулиќ ќе биде пуштен.

Тоа е втора снимка доставена од Кнежевиќ во изминатите неколку денови што се однесува на корупција во врвот на судството, јави Бета.

Во претходната снимка наводно Вујошевиќ тврди дека пари предал на врховниот обвинител Ивица Станковиќ. Обвинителството соопшти дека го сомничи Вујошевиќ дека е дел од криминална група што ја формирал Кнежевиќ, и не постои сомневање дека Станковиќ земал пари.

Вујошевиќ ја напушти Црна Гора на 13 септември и не се знае дали побегнал или е на лекување или одмор. Против Кнежевиќ се водат повеќе истраги на Специјалното обвинителство – за затајување данок, перење пари и злоупотреба на службена должност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.