Во нестабилни времиња и без поддршка од државата домашните компании успеаваат да остварат раст и да креираат нови работни места. Бизнисмените во прилогот на телевизија Алфа велат дека во голем дел тоа е резултат на нивната напорна работа, а не на државните политики.
„Трендот на зголемување оди во нагорна линија ама тоа не значи дека имаат некоја поддршка од институциите. Фирмите се спремни сами да се снаоѓаат и да ги решаваат своите проблеми“, вели Дрилон Исени, извршен директор на СКСЗМ.
Главен предизвик следната година ќе биде новиот даночен систем. Трите стопански комори настапија обединето и побараа барем одложување на прогресивниот персоналец кој како што велат сериозно ќе удри на нивното работење.
Премиерот ги ислуша бизнисмените, не коментираше за даночната реформа, но уште еднаш се пофали дека ќе следува намалување на казните и глобите за компаниите.
„Казните ќе бидат отсега натаму правични и сразмерни, ќе се направи градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија, целта е да се поттикнат правичност и почитување на законите. Казните за малите и средни претпријатија ќе се намалат дури за 60%“ изјави премиерот Зоран Заев.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак, оцени дека економската состојба е катастрофална. На бизнисмените им порача дека штом неговата партија се врати на власт ќе го врати и рамниот данок, ќе ги зголеми мерките за поддршка на домашните компании и ќе работи напорно на привлекување на странски инвестиции.
„Имаме црнила на секој план во државата вклучително и во економијата. Немаме структурни реформи, оние реформи кои се случуваат се купи ден продај, од денеска за утре. Имаме пиши бриши економија, колку што сакаме раст толку статистика ќе испорача“ рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Економијата во третиот квартал оствари раст од 3 отсто, но тој според статистиката се темели на секторот уметност, забава и рекреација како и на трговијата. Во првиот квартал вкупниот раст беше 0,9 отсто, а во вториот и третиот 3 процента. За да се достигне владината проекција од 2,8 отсто за целата 2018 година, која веќе беше намалена со ребалансот, економијата треба да порасне во последниот квартал, најмалку за 3,3 отсто.
Според голем дел од деловната заедница, уште отсега е тешко да се замисли дека СДСМ ќе го исполни предизборното ветување за просечен економски раст од 5 отсто во текот на мандатот. Дури и доколку се остварат проекциите за економски раст од 2.8 отсто, за годинава и од 3.2 процента во 2019-та, во втората половина од мандатот, бруто домашниот производ треба да се зголемува за најмалку 7 отсто на годишно ниво.