Бизнисот бара итни мерки за помош, инфлацијата e 11,9 отсто

Државата веднаш да преземе мерки за пресретнување на евентуална ескалација на состојбите што би можело да се случат следната зима, апелираа вчера од Стопанската комора на Северна Македонија, од каде побараа штедење особено на електричната енергија и од државата, граѓаните и од компаниите. Во меѓувреме, Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во мај достигна 11,9 отсто, а од Владата најавија одлука за евентуална интеревенција кај цените до крајот на неделава. Со ребалансот на Буџетот се очекуваат нови мерки за поддршка на најпогодените категории граѓани.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески предупреди дека економската активност може да биде погодена многу и оти може да дојде затворање на компании и намалување на работни места.

Според него, државата е насочена да ги спасува граѓаните, но ако не се сфати дека е потребна и поддршка на компаните и ако тоа не се случи, тогаш, како што рече, ќе има сериозни проблеми.

-Мора да се задржи економската активност затоа што без тоа, со затворање на капацитетите, ќе создадеме поголем гап кој во ваква неизвесност која претстои може да биде катастрофален. Државата треба да се одрече од некои комодитети веднаш и не треба да размислува за никакви алтернативи освен за запрегнување на ракавите и за фаќање во костец со проблемот, рече Азески во одговор на новинарско прашање.

Тој порача дека треба да се штеди и да се користат сите механизми за справување со состојбите, односно, како што рече, до пресретнување на ситацијата која може да ескалира со доаѓањето на зимата. Особено проблематичен, според него, може да биде порастот на цената на струјата која влијае на работата на компаниите.

-Ние имаме дефинирани предлози, бараме намалување на потрошувачката веднаш со директни акти на државата затоа што кај нас не може да се намали нешто со убедување. Државата да најде механизам да ја намали потрошувачката за 10 до 20 проценти, а да го зголеми нивото на производтсво на електрична енергија за 20 отсто. На таков начин би се створил гап од 40 проценти, кој би се употребил за некакво регулирање на цената на струјата што се испорачува кон фирмите, рече Азески.

Укажа и дека има сериозни индикации за невообичаени движења кај фирмите во делот на трансакциите, особено кај оние кои се занимаваат со трговија и оти е можно да има инфлаторен притисок од таа страна. Затоа, смета Азески, потребни се контроли кои ќе бидат во таа насока да се направи обид да се спречат определени процеси кои можат да влијаат на севкупната економија.

Во меѓувреме, мнозинството во Собранието вчера не гласаше за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за потребата од носење на Законот за акцизите со кој оваа давачка за течните горива треба да се намали за 50 проценти, и Законот за ДДВ со кој се ослободува храната од ДДВ, а за течните горива да се намали од 18 проценти на 5 проценти.

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија најавија дека веќе на утрешната седница повторно по итна постапка ќе бараат да се разгледаат двата закона.

-Доколку нашите предлози заглават во собраниските лавиринти, ќе побараме и амандмански да се интервенира во Ребалансот со цел намалување на цената на горивата и ДДВ за основните прехранбени производи. Како пратеничка група сме подготвени овие предлог закони да бидат предложени и од владеачките пратеници и истите веднаш да се најдат на собраниската комисија за финансирање и буџет. ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата ќе направи се што е потребно во интерес на граѓаните, изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

За полесно да се пребродат ценовните шокови, на почетокот на месецов од Сојузот на стопански комори побараа активирање на државните резерви, зголемување на домашното производство и елиминирање на непотребните бирократски процедури за инсталирање на обновливи извори на енергија. Ценовниот шок, според ССК, е резултат на непродолжувањето на антикризните мерки поврзани со ДДВ-то и маржите.

Со ребалансот на Буџетот што треба да биде усвоен се предвидени средства за креирање нови мерки со цел, како што изјави завчера министерот за економија Крешник Бектеши, да се ублажи притисокот и да им се излезе во пресрет на граѓаните, посебно на категориите кои имаат најголема потреба. Од 31 мај нема мерки во делот на ограничување на цените и маржите бидејќи заедно со стопанските комори било одлучено тоа да биде оставено на пазарот слободно да ги утврди.

– Ако се здружат одредени трговци и производители за пазарно функционирање и уредување на цените, ние секако ќе ги донесеме тие мерки, кои и не се многу популарни, во делот на ограничување на цените и маржите, изјави Бектеши.

Тој најави дека до крајот на неделата ќе биде донесена одлука дали ќе се интервенира во делот на цените. Секторот за трговија во Министерството за економија заедно со Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и другите надлежни институции од почетокот на кризата со цените на дневна основа ја следат ситуацијата. За вчера беше најавен координативен состанок на овие институции за да се разгледаат сите податоци, а ќе има состаноци и со стопанските комори, со трговците на големо и на мало, и со производители на основни прехранбени производи, за до крајот на неделата да се донесе одлука.

Доколку се покаже дека има манипулации од одредени трговци и самите не ги вратат цените согласно некоја нормална маржа на добивка, тогаш државата ќе интервенира за тие да не бидат на грбот на граѓаните. Државата, посочи министерот, има влијание само за домашните производи, за кои се следат и влезните цени на суровините и производствените цени, додека за увозните производи не може да се влијае, освен во делот на давачките, каде државата целосно се откажа од тие придонеси.

Државниот завод за статистика вчера објави дека трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два, а цените на мало за 1,5 проценти. Во однос, пак, на мај лани трошоците на живот се поголеми за 11,9, а цените на мало за 12,1 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6,7 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6,2 проценти, млекото за 5,4 проценти, лебот и житата за 3,7 проценти, кафето, чајот, какаото за 3,1 проценти, сирењето и урдата за 2,9 проценти…. Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 19 проценти, услугите за сместување за 7,5 проценти, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4 проценти,…