Благ раст на Волстрит во претпазливо тргување

На Волстрит берзанските индекси во вторникот благо пораснаа, надоместувајќи ги загубите од претходниот ден, но тргувањето беше претпазливо бидејќи немаше нови вести кои значително би го раздвижиле пазарот.

Индексот Dow Jones зајакна 0,24 отсто, на 35.416 поени, додека S&P 500 порасна за 0,10 отсто, на 4.554 поени, а индексот Nasdaq 0,29 отсто, на 14.281 поени.

Од почетокот на ноември цените на акциите пораснаа за речиси 10 отсто, бидејќи поради слабеењето на инфлацијата во САД, инвеститорите се убедени дека американската централна банка го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки. Но, оваа теза е веќе вградена во цените, а бидејќи нема други охрабрувачки вести, последниве денови индексите стагнираат.

Вчера, неколку функционери на Fed изјавија дека циклусот на зголемувања на каматните стапки најверојатно е завршен, додека еден од нив рече дека е можно дополнително зголемување на каматните стапки доколку инфлацијата повторно се зголеми.

На пазарот на пари се проценува дека Fed нема да ги зголеми каматните стапки на последната седница од годината во декември. Се проценува и дека циклусот на намалување на каматните стапки би можел да започне кон средината на следната година.

А во наредните денови, најголемиот дел од податоците за потрошувачката ќе се следат на почетокот на празничната сезона на пазарење, која започна со „црниот петок“ и продолжи со „сајбер понеделникот“. Според проценките, потрошувачката би можела да се зголеми за околу 5 отсто на годишно ниво за време на празничната сезона во декември.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,07 отсто, на 7.445 поени, а париски CAC за 0,21 отсто, на 7.250 поени. Франкфуртски DAX зајакна, пак, за 0,16 отсто, на 15.992 поени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.