Блаже Миневски: Македонија нема време за колебливци и калкуланти!

Миневски, кој е автор на повеќе романи и други прозни дела преведен на десетици светски јазици и за кои досега доби многу награди и призанија, повикот го упатува поради длабоката загриженост од последиците што можат на настанат во Република Македонија од прифаќањето на платформата на албанските политички партии донесена од Тирана, Албанија.

Во обраќањето, освен што од СДСМ бара целосното објавување на договореното со албанските партии, тој поставува и низа прашања за кои бара одговори со оглед на тешките последици што би можеле да настанат како резултат на прифаќањето и подоцнежното спроведување на тиранската платформа. Прашањата, предупредувањата и барањата на познатиот македонски писател се следни:

Дали во договорот пишува дека албанскиот ќе биде втор службен јазик на целата територија на Македонија?

Дали е точно дека во сите документи на граѓаните на Македонија (лична, карта, пасош, возачка дозвола…) податоците задолжително ќе се пишуваат и на албански јазик?

Дали е точно дека денарот ќе биде двојазичен?

Дали е точно дека ознаките на полицајците и војниците ќе бидат двојазични, на македонски и на албански јазик?

Дали е точно дека ќе се казнува со 5.000 евра секој што нема да го употребува албанскиот јазик како втор службен јазик на целата територија, а истовремено со 5.000 евра ќе се наградува секој што нема да го употребува македонскиот јазик во Тетово, Гостивар, Kичево, Струга…?

Дали е точно дека ќе се менуваат грбот, химната и знамето на Република Македонија?

Дали е точно дека Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Италија, Германија и Македонија ќе бидат обвинети за геноцид врз Албанците во Република Македонија?

Дали е точно дека сите табли со натписи на државни институции во Македонија ќе бидат напишани на македонски и на албански јазик – Собранието на Р. Македонија, Владата на Р. Македонија, Министерството за култура на Р. Македонија, Македонскиот народен театар, Македонската филхармонија, Театарот во Прилеп, во Битола, во Велес…Управата за јавни приходи во Струмица, Полициската станица во Богданци, Гимназијата во Делчево, Kапетанијата во Охрид, Подрачната единица за земјоделство во Kавадарци…?

Дали е точно дека во секој град во сите државни институции мора да има вработено лице што ќе го знае албанскиот јазик за да чека да дојде некој со албански мајчин јазик кој сака да го запише своето дете во музичко училиште, на пример.

Дали е точно дека двојазични ќе бидат таблите на граничните премини, патоказите низ цела Македонија, таблите на автобусите што се обраќаат низ Македонија, да речеме од Охрид до Берово, од Делчево до Гевгелија, од Дојран до Битола и слично?

Дали е точно дека ќе се укинат границите со Kосово и Албанија, односно ќе се воведе интегрирано управување што значи заедничка гранична служба и бришење на граничната линија? Дали тоа има врска со одбивањето на Kосово да ја признае границата со Црна Гора?

Дали е точно дека Фудбалската арена „Филип Втори“ во Скопје ќе се „ребрендира“ во Џемо Хаса, балист од Симница?Дали е точно дека е прифатена промена на името на Република Македонија?

Дали е точно дека со Грците за спорот за името ќе преговара оној што тврди дека пред сто години немало Македонци во Македонија?

Дали е точно дека истиот ќе преговара и со Бугарите? Ако е така, а штом се крие веројатно е така, нема друго освен народот да ја спасува Македонија?

Всушност, макар и само дел од информациите што кружат во јавноста да се точни, хазардната игра, во која татковината е влог, бездруго ќе резултира со уништување на Македонија како заедничка држава на сите!

Затоа секој што ја сака својата татковина, без разлика на вера, пол и национална припадност, веднаш треба да стане дел од движењето „За заедничка Македонија“!

Не чекајте, нема време! Што ќе ни се потоа книги, слики, театарски претстави, научни истражувања или докторски титули!

Што ќе ни се романи кога нема да постои македонска книжевност!

Што ќе ни е македонски толковен речник кога нема да постои јазикот што ќе го толкуваме!

Што ќе ни е докторска дисертација за македонската историја кога нема да постои македонска историографија!

Што ќе ни е филм кога нема да постои македонска кинематографија!

Што ќе ни е актерска кариера кога нема да постои македонски национален театар!

Не може веќе да се седи на две столчиња и да се чека исходот од политичката пресметка!

Не може да се чека затоа што не станува збор за политичка пресметка, туку за дефинитивна пресметка со Македонија!

Што предвидува Платформата од Тирана за која потписниците велат дека никогаш нема да се откажат!

Што содржи специјалниот закон за употребата на јазикот на специјалното малцинство, едно од шесте национални малцинства во Република Македонија?

Kој видел што прифати раководството на СДСМ во име на македонскиот народ?

Што прифати лидерот на „партија на која не ~ личи да биде патриотска“ во замена за некаква премиерска фотелја?

И чиј премиер ќе биде, на која држава, на кој дел од државата, ако не постои унитарна Македонија?

Или можеби мисли допрва да ги лаже Албанците како што го лаже македонскиот народ?

Kој му дал право да ги понижува и уништува македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската државност?

Во одбрана на мултикултурното општество сите македонски институции, за кои верувам дека с` уште се македонски, треба да му се придружат на движењето за спас на Македонија, движењето за спас на „Заедничка Македонија“!Не може да бидеме македонски уметници, македонски професори, македонски научници, македонски инженери, македонски пејачи, македонски актери, македонски академици – ако ја нема Македонија!

МАНУ не смее да се однесува како перископчија во подморница затоа што токму МАНУ нема да биде МАНУ!

МАНУ ќе биде Академија на науките и уметностите на БЈРМ или на „другата страна“!

Институтот за македонски јазик, кој молчи како да е Институт за пантомима, мошне брзо, всушност до „брзиот влез“ во НАТО, ќе мора да стане Институт на скопската двојазична држава или Институт за двата службени јазија во БЈРМ!

Институтот за македонска литература ќе биде Институт за литература на скопската република или Институт за скопска литература!

Македонскиот народен театар ќе мора да се преименува во скопски театар, на пример! До прекрстувањето на институцијата на таблата пред влезот на МНТ ќе мора да стои и табла на албански јазик!

Македонската телевизија ќе се преименува од МТВ во ТВ БЈРМ или ТВ Скопје!

Македонската книжевност не ќе може да биде македонска книжевност, туку анационална, двојазична, скопска книжевност!Ние, писателите што денес го одмолчуваме културниот и духовен инженеринг на македонскиот идентитет, утре ќе немаме право да речеме дека не знаевме што е двојазичност на целата територија! Нашата Национална библиотека, на пример, ќе биде двонационална библиотека, а во нашите книги, ЦИП-от како каталошки опис, меѓу другото, обезбедува содржинско и формално претставување на македонската книга на корисници што не го познаваат македонскиот јазик – афирмација на националната издавачка продукција; ИСБН-от што е всушност означување на секоја книга што се вклучува во Меѓународната автоматизирана база, овозможувајќи да се утврди државата или јазичната целина во рамките на која е објавена книгата, како и сите други ознаки ќе бидат двојазични, т.е. нема да има македонска книжевност. Во светската мрежа на библиотеки македонските книги ќе се препознаваат како скопско-албанска книжевност, односно горномакедонска-албанска книжевност, според двата официјални, односно државни јазика регистрирани во светската библиотекарската мрежа!

Kако ќе бидат преведени и како ќе бидат напишани на нивните табли со натписи Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Македонската информативна агенција, Македонската пошта, Македонската радиодифузија, Македонски шуми, Музејот на македонската борба, Македонијапат, Македонската фудбалска федерација итн. Дали ќе смее да се постави „Македонска крвава свадба“ на сцената на двојазичниот државен театар, без да се интервенира во насловот?

Македонските интелектуалци немаат право на молк!

Македонските писатели не смеат да молчат!

Македонските академици мора да застанат простум за спас на унитарна Македонија!

Ако не сега – кога?

Секако нема да живеат со орлите!

Македонскиот јазик е единствената наша неподелена Македонија, велеше нивниот колега Блаже Kонески.

Дали сакаат да бидат академици или фолклорни ликови во ѓаволската приказна за поделбата на единствена неподелена македонска татковина?

Македонија е се што имаме, велеше Kиро Глигоров.

И го одби капарот за продажба на Македонија донесен со куферче во неговиот претседателски кабинет од човекот со презиме во вид на име на четка за варосување!

Во име на партискиот член „број еден“, објавете го Договорот со албанските партии што го криете, а потоа пак бидете „партија на која не ~ личи да биде патриотска“!

Македонија нема време за колебливци и калкуланти!

Македонија бара итен попис на граѓаните од сите етнички групи за да знаеме колку сме, и дали сме токму!

Македонија е повеќе од сите што молчат!

Македонија е на сите што ја сакаат!

Горд сум што сум македонски писател!

Горд сум што сум писател на народот од „Заедничка Македонија“!

Сите за Македонија!