Блерим Беџети: На местото на „Треска“ очекувам инвестиции од 200 милиони евра

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, изнесе детали во јавноста за тоа што конкретно ќе се гради на местото на СРЦ „Треска“ и вели дека очекува инвестиции од 200 милиони евра.

Иако се уште трае дебатата и нејасна е надлежноста, Беџети тврди дека урбанистичкиот план за езерото Треска изминатите денови бил заведен во Катастарот.

Во првиот од четирите блока, според градоначалникот, предвидено е каде што сега е брегот на езерото, да има спортски терени, аква-парк, игралишта, ботаничка градина, а мал процент може да биде и за дуќани или хотели, но и големи трговски единици. Во Блок 2 се планирани викенд-куќи кои ќе треба да се градат од дрво и камен, со почитување на шумскиот фонд.

„Во Блок 3 примарно е предвиден хотелски комплекс, но 40 тосто од просторот може да биде и за мали и големи трговски единици, култура, здравство. Нема да се гради на целиот простор бидејќи под дел од блокот се бунарите Треска-Лепенец. Во Блок 4 е предвидена градба на трговски центар“, рече Беџети.

Тој објаснува дека Владата е таа која ги има надлежностите за продажбата и изборот на инвеститорите, додека Општина Сарај во моментов само го расчистува теренот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.