Блинкен: Киев самиот треба да реши дали ќе ги пренесе борбените дејствија на територијата на Русија

Соединетите држави сметаат дека Украина самата треба да одлучи дали ќе се обиде да ги префрли борбените дејствија на руска територија, изјави во средата американскиот државен секретар Ентони Блинкен на сослушувањето пред сенатскиот Комитет за доделување нова воена помош за Киев која вклучува и офанзивно тешко вооружување.

Според Блинкен, во моментов Вашингтон има цел да им обезбеди на Украинците „сѐ што е потребно за (…) истиснување на Русите од територијата на земјата“. „Засебно прашање е дали Украинците треба да изведуваат дејствија надвор од нивните граници“, рече Блинкен.

„Мојот личен став е дека е од витално значење за нив да направат сѐ што е потребно за да се заштитат од руската агресија. И изборот на тактиката во тој случај е нивна сопствена одлука“, додаде шефот на американската дипломатија.

Блинкен истакна дека САД од своја страна „работат Украинците да имаат средства за да се заштитат“. Конкретно, според него, Вашингтон од неодамна почнал да му обезбедува на Киев нови видови оружја. Оцени дека „тешката артилерија е критично важна (…), противморнаричко оружје за справување со заканите во Црното Море, тешки оклопни возила, тенкови…“.

Минатата седмица САД одобрија нови пратки оружја во износ од повеќе стотици милиони долари, вклучително и артилерија и беспилотни летала „камиказе“, кои не беа испраќани во претходните фази од војната. Вашингтон сега врши притисок тоа да го сторат и неговите сојузници.

САД и нивните сојузници ветија во вторникот на состанокот во американската воздухопловна база Рамштајн на западот на Германија нови испораки на тешко вооружување за Украина.

„Сакаме да ја видиме Русија ослабена до степен да не може да прави работи кои ги сторила во инвазијата на Украина“, рече во Рамштајн американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Марк Мили, началник на Здружениот штаб на американската армија, изјавил за новинарите додека летал на состанокот во Рамштајн дека следните неколку седмици во Украина ќе биде „многу многу критично“.

„Потребна им е постојана поддршка за да бидат успешни на бојното поле. И тоа е всушност целта на оваа конференција“, рекол Мили додавајќи дека целта на состанокот е и координацијата на воената помош за Украина вклучително и тешкото офанзивно вооружување, како што се хаубици.

По повеќедневните информации дека со проектили од украинска територија се гаѓани складишата и цивилна инфракструктура од руската страна на границата, во средата челникот на рускиот Истражен комитет, Александар Бастрикин, побара документирање на податоците за таквите украински напади, во руските региони Белгород, Курск и Воронеж.