Блинкен патува во Саудиска Арабија во екот на затегнатите односи

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторникот патува во Саудиска Арабија во мисија на зацврстување на односите меѓу Вашингтон и Ријад по годините на сѐ подлабокото несогласување по низа прашања, од Иран и Сирија до регионалната безбедност и цените на нафтата.

Се очекува дека Блинкен ќе се сретне со нависоките саудиски функционери и веројатно дефакто со владетелот на кралството, престолонаследниот принц Мохамед бин Салман, кого американските медиуми го означуваат како MbS, во текот на неговиот престој во саудиската престолнина Ријад и во крајбрежниот град Џеда, во втората американска посета на високо ниво во кусо време. Имено, советникот на Белата куќа за национална безбедност Џејк Саливан на 7-ми мај престојуваше во Саудиска Арабија.

Посетата на шефот на американската дипломатија од 6-ти до 8-ми јуни на најголемиот светски извозник на нафта доаѓа неколку дена откако Ријад најави натамошно намалување на производството на нафтата, потез кој веројатно ќе ги зголеми тензии во американско-саудиските односи, проценува Reuters.

Односите се веќе затегнато поради континуираните американски критики за состојбата на човековите права во Саудиска Арабија, како и споровите околу политиките на САД кон Иран, со кој неодамна Ријад со посредување на Кина ги обнови дипломатските односи по долгогодишниот прекин, како и саудиската покана за сирискиот претседател Башар ал-Асад на самитот на Арапската лига со што неговата земја беше вратена во блокот по повеќе од децениската суспензија на членството.

Покрај тоа, Саудиска Арабија се споменува како една од земјите коишто се заинтересирани за членство на групата земји БРИКС, во кој предничат американските геостратешки ривали Кина и Русија.

Целите на патувањето на Блинкен вклучуваат и враќање на американското влијание на цените на нафтата, одбраната од кинеското и руското влијание во регионот на Блискиот исток и негување на надежите за конечна нормализација на саудиско-израелските односи почната како цел на Вашингтон во текот на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Зборувајќи пред израелската лоби група Американско-израелскиот комитет за јавни работи во понеделникот, Блинкен рече дека Вашингтон има „вистински национален безбедносен интерес“ во заговарањето на нормализацијата на дипломатските односи меѓу Израел и Саудиска Арабија, но предупреди дека тоа нема да се одвива брзо.

Обесхрабрувањето на поблиските кинеско-саудиски односи веројатно е најважниот елемент на посетата на Блинкен, смета Ричард Голдберг, виш советник во тинк-тенкот Фондација за одбрана на демократијата (FDD) со седиште во Вашингтон.

„Блинкен би требало да објасни зошто кинеските интереси не се во согласност со Саудиска Арабија и зошто поблиските односи на стратешки начин ги кочат поблиските односи со Вашингтон“, вели Голдберг.