Блинкен: САД и Кина одржаа „конструктивни“ разговори

Соединетите држави и Кина одржале „конструктивни“ разговори во саботата, изјави шефот на американската дипломатија по невообичаено долгиот состанок чијашто цел била да се спречи билатералните тензии меѓу двете суперсили да излезат од контрола

На индонезискиот остров Бали, на маргините од самитот на Г20, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ју ги имаа првите разговори од ланскиот октомври. Станува збор за американско настојување за интензивирање на контактите со Пекинг во моментот кога Западот се фокусира на ослабување на Русија преку војната во Украина, и откако Вашингтон наиде на остра кинеска реакција во врска со тестирањето на позициите околу Тајван.

„И покрај сложеноста на нашиот однос, може со одредена сигурност да кажам дека нашите делегации денешните разговори ги сметаат корисни, искрени и конструктивни. Односот меѓу САД и Кина има големи последици за нашите земји, но и за светот. Доследни сме на одговорното управување во тој однос, во тоа натпреварување“, рече Блинкен по петчасовните разговори и вети дека ќе ги задржи отворени дипломатски канали со Пекинг.

Состанокот, кој започнал со утринските разговори по продолжил со работен ручек, бил насочен на спречување конкуренцијата да прерасне во ненамерни судири, но и критикувањето од страна на Вашингтон за Пекинг во низа прашања, вклучително и Тајван, кинеското полагање право на значителни делови на Јужнокинеското Море при што САД стојат зад своите регионални сојузници кинески соседи, како и за човековите права.

„Ја пренесов длабоката загриженост на САД поради сѐ попровокативните реторика и активности на Пекинг кон Тајван и виталната важност да се одржи мирот и стабилноста по должината на Тајванскиот теснец“, изјави Блинкен.

Американскиот дипломат изразил загриженост поради Украина и вршел притисок врз кинескиот колега, бидејќи Пекинг премолчено ја поддржува Москва во нејзината воена интервенција во соседната земја и го повикал Ванг Кина да се дистанцира од Русија ден откако на Бали дојде до остра вербална пресметка меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и групата западни дипломати на разговорите во рамките на групата Г20.

„Ова е навистина момент во кој сите мораме да станеме, како што слушнавме од секоја земја во Г20, да ја осудиме агресијата и да бараме, меѓу другото, Русија да овозможи пристап до храната која се заглави во Украина“, изјави Блинен обидувајќи се во јавноста да наметне впечаток дека на Г20 самитот преовладувала антируска атмосфера што одговара само кога станува збор само за сојузниците на САД.

Сепак, американски функционери запознаени со текот на разговорите меѓу Блинкен и Ванг, се претпазливо оптимистични околу ставот на Кина за војната во Украина. Ја осудуваат нејзината реторичка поддршка на Русија, но не гледаат знаци дека Кина материјално ја поддржува.

 

Поумерен тон

Ванг, од своја страна, за новинарите пред почетокот на состанокот со Блинкен изјави дека кинескиот претседател Кси Џоинпинг верува во соработката, како и во „меѓусебното почитување“ меѓу најголемите светски економски сили, како и дека меѓу нив мора да постои „нормална размена“.

„Мораме да работиме заедно за да осигуриме овој однос да продолжи да напредува по вистинскиот пат“, изјави Ванг пред кинеското и американското знаме.

Ова беше првиот директен состанок на Ванг и Блинкен по повеќе месеци, а се очекува дека следните седмици ќе биде одржан виртуелен разговор меѓу кинескиот претседател Кси Џинпинг и неговиот американски колега Џо Бајден, во обидите на Вашингтон да се ублажи тонот и двете земји да го зајакната ангажманот во заднината на забавеното но континуирано руско напредување во Украина.

Кинескиот весник и портал на англиски јазик The Global Times, кој Вашингтон го доживува како остар критичар на американските политики, објави дека високата дипломатија го „нагласила консензусот на двете страни за избегнување на ескалацијата на конфронтациите“.

САД последните години се поставени поостро кон Кина, а Бајден главно го задржа тврдиот пристап на својот претходник Доналд Трамп кон Пекинг, како кон надмоќен глобален конкурент на САД. Под влијание на Вашингтон, на неодамнешниот самит на НАТО во Мадрид, Кина првпат е спомената во десетгодишниот Стратешки концепт на Алијансата и тоа како „сериозен предизвик“.

Меѓутоа, неодамна Блинкен во својот говор изјави дека САД не сакаат нова „Студена војна“, за што претходно предупредија од Пекинг, но ги повтори обвинувањата за Кина за наводен „геноцид“ врз муслиманската заедница Ујгури по разговорите во саботата на Бали.

Американските политички коментатори очекуваат наскоро администрацијата на Бајден во настојувањата да го осуетат зајакнувањето на сојузот меѓу Русија и Кина, да ублажат дел од царините на кинеските стоки воведени од претходната администрација на Трамп. Тој потег, во прв ред, има цела евентуално да ја ублажи растечката инфлација којашто стана главно политичко прашање во САД.

Се очекува дека Кси, најмоќниот кинески челник по повеќе децении, да ги „прочешла“ надворешнополитичката постава на Националниот конгрес на Комунистичката партија доцна есенва.

Крег Синглтон, кој ги следи потезите на Кина во Фондацијата за одбрана на демократијата со седиште во Вашингтон, верува дека Кси повторно ќе именува демократи кои би можеле да работат со Вашингтон.

„Причината е едноставна, кинеската економија се соочува со значајни промени и се чини дека кинеските политичари се понаклонети да признаат дека кинеската агресивна реторика примила удар“, тврди за Reuters Синглтон.