Блинкен: Западот нема да ги признае референдумите, САД ќе ѝ помогнат на Европа во енергетската криза

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави во вторникот дека САД и нивните сојузници „никогаш нема да ги признаат“ референдумите на проруските сепаратисти во Украина означувајќи ги како руска анексија, како и дека Вашингтон ќе ѝ помогне на Европа во енергетската криза.

„Ние и многу други земји бевме јасни. Нема да ја признаеме, никогаш нема да ја признаеме анексијата на украинските територии“, изјави Блинкен на заедничката прес-конференција во Вашингтон со индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаиншанкар по разговорите во Стејт департментот одговарајќи на прашање за референдумите во украинските региони кои се под контрола на проруските сепаратисти и руската војска.

Шефот на американската дипломатија повтори дека Вашингтон и неговите сојузници ќе воведат „нови и остри“ санкции против Русија.

Неговиот индиски колега Џаиншанкар, пак, повика на враќање кон „дијалогот“, бидејќи „како што рековме јавно и во неофицијалните разговори, овој судир никому не е во интерес“.

„Важно е да се потсети што се случува тука. Русија ја нападна Украина, окупираше нејзини територии и спроведува криминална акција на тие територии присилувајќи го тамошното население на заминување“, тврдеше Блинкен.

За мноштвото локално население од украинските региони кое се евакуираше во Русија, Блинкен тврдеше дека се „преселени или едноставно исчезна“, а потоа изнесе теорија според која Москва во Украина населувала Руси.

„Потоа таму носат Руси, поставуваат фантомски влади и организираат референдуми манипулирајќи со резултатите и велат дека тие територии ѝ припаѓаат на Русија“, тврди Блинкен заканувајќи се дека САД „ќе ѝ помогнат на Украина да ги врати тие области“.

Додаде и дека Вашингтон е подготвен да им помогне на европските сојузници во областа на енергетската безбедност и истакна дека се води истрага за да се утврдат причините за истекувањето на гасот од руските подморски гасоводи Северен тек 1 и Северен тек 2 ви Балтичкото Море во водите на Шведска и Данска, два дена откако беа забележани инцидентите.

„Се спроведува истрага за истекувањата (на гасот), првичните извештаи покажуваат дека тоа може да е резултат на напад или чин на саботажа. Но тоа се првични извештаи, а сѐ уште немаме потврда. Но доколку се потврди, тогаш тоа очигледно не е во ничиј интерес. Колку што разбрав, истекувањето нема да има значително влијание врз енергетската сигурност на Европа“, изјави Блинкен.

„Нашите европски партнери спроведуваат истрагга. Подготвени сме да им помогнеме“, изјавија претходно во вторникот од Советот за национална безбедност на Белата куќа. Велејќи дека не сака да шпекулира за причините за истекувањата руската инфраструктура клучна за испораките на гасот од Русија во Европа, додаде дека „тоа ја потврдува важноста на нашите заеднички напори за наоѓање алтернативни извори за снабдување на Европа со гас“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.