Близок соработник на Самсоненко причина за проблемите во РК И ФК Вардар

Првиот човек на ФК и РК Вардар, Сергеј Самсоненко и неговиот адвокат, Александар Новаковски ги открија причините поради кои двата клуба се најдоа во финансиски проблеми. Самсоненко тврди дека поранешен негов близок соработник заедно со сопственик на фирма се обидуваат да му земат речиси два милиони евра. Тие се погрижиле фирмата да отиде во стечај заедно со имотот на атрактивна локација, објави Спортмедиа.

Според информации на порталот, договорот за изградба на објектот на скопскиот плоштад го добил на најтранспарентен начин од државата  и притоа ги платил сите дотогаш доспеани долгови. Поради инвестициите кои ги направил во спортот, дошло до извесно доцнење во плаќањето на фирмите кои биле ангажирани за изградба на објектот. Проблемот со сите доверители, освен со еден бил решен со меѓусебен договор за подоцнежна исплата.

„Имаме сомнеж дека се работи за организирана шема, со спрега со фирми, посредници и дел од надлежните, позната во светот како организирано преземање на објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување на штета“, смета Александар Новаковски адвокат на Сергеј Самсоненко.

На Самсоненко не му било кажано дека неколку дена претходно, на 18 ноември, е солемнизиран Договор за деловно техничка соработка, за што никој немал овластување.

По неколку дена сопственикот е известен од банката дека се блокирани сметките на „БАЛКАН ГРУП КОНСТРАКШН“ и „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ од страна на фирмата која даде предлог за отворање стечај, појаснува Новаковски, кој вели дека договорот за деловно –техничка соработка всушност бил фалсификуван, зашто од претходно  постоеле договори за градба и за гаранција.

Првиот човек на РК и ФК Вардар потенцира дека тој во ниту еден момент не се покајал што одлучил да го врати спортскиот дух во нашата земја, и се радува што успеал да го врати спортскиот дух, веројатно мислејќи на освоената втора европска шампионска титула со Вардар.

„Во оваа држава, која ја чувствувам како своја, се радувам што успеавме да го вратиме спортскиот дух и ниту еднаш не се посомневав дека мојата одлука да вложам труд и финансиски средства во неа е исправна. Мојот труд и инвестиции не се само во афирмација на спортот туку и во инвестирањето и изградба на значајни објекти. За жал, дојде момент кога се соочив со непријатни случувања и луѓе кои се обидуваат да го оспорат и да го негираат моето работење и труд кои резултирале со успех“, вели Самсоненко.