27 C
Skopje
петок, септември 18, 2020

Близу 100.000 починати од коронавирусот во Бразил

29

Бразил влегува во шестиот месец на пандемија на коронавирус, која продолжува да ја уништува земјата каде што наскоро ќе има 100.000 починати, трагедија за која експертите велат дека можела да се очекува.

„Ова е вистинска трагедија, меѓу најлошите досега што го погодиле Бразил“, рече социологот Селсо Роча де Барос за Франс Прес, бидејќи земјата со 212 милиони жители во просек има 1.000 смртни случаи на ден во последниот месец.

Земјата би можела да има 200.000 жртви до октомври ако ковид-19 продолжи да се шири со оваа брзина, предупредува Домингос Алвес, статистичар специјализиран за пандемија.

Во интервју за АФП, тој остро ги критикуваше властите кои „го жртвуваа населението“. Многу од смртните случаи се припишуваат на фактот дека Бразил ја „негираше“ пандемијата, дека недостасуваат строги мерки против ширење на вирусот и дека епидемиолошките мерки биле предвреме ублажени.

Првиот потврден случај на ковид-19 се појави во Сао Паоло на 26 февруари, а првата смрт е регистрирана на 16 март, исто така во тој град, најголемиот мегалополис во Јужна Америка.

„Само тогаш Бразил почна да ја организира борбата против пандемијата“, рече Пауло Лотуфо, епидемиолог кој работи на Универзитетот во Сао Паоло, за АФП.

Но, подоцна бројот на болни и починати нагло се зголеми. Бразил беше втора земја најтешко погодена по Соединетите држави во јуни. Бројот на починати се очекува да надмине 100.000 овој викенд.

Лотуфо смета дека градоначалниците и гувернерите на сојузните држави, кои во март воведоа повеќе или помалку строга изолација и го зголемија бројот на кревети во единиците за интензивна нега, не можеа да дејствуваат доволно брзо заради недостаток на координација од сојузната влада.

Претседателот Жаир Болсонаро, екстремен десничар, постојано го минимизира ризикот од коронавирусот нарекувајќи го „грип“.

Тоа ги спречи напорите да се ограничи движењето на населението, оправдувајќи го од потребата да се зачува економијата, и само промовираше употреба на хидроксихлороксин, спротивно на мислењето на научниците.

Социологот Роча де Барос смета дека „изолацијата не е природна“ и мора да биде „координирана од лидер кој е политички веродостоен“.

„На општеството треба да му се каже дека е тешко, но неопходно, во спротивно ќе се случи најлошото. Во Бразил е испратена сосема друга порака“, рече социологот.

Снимките од преполните плажи и барови предизвикаа дебата за рамнодушноста на бразилското општество кон трагедијата.

„Бразил е навикнат на голема смртност од насилство“, рече Селсо Роча де Барос. Покрај тоа, „побогатите слоеви честопати се нечувствителни на смртта на сиромашните“.

Коронавирусот потешко го погоди црното население и сиромашните луѓе во фавелите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.