Близу Харков разбиена група хиспанојазични платеници

Артилериска единица на заедничките проруски сепаратистички сили и руските трупи во источна Украина уништиле во местото Руската Лозова во близина на Харков единици платеници од хиспанојазичното говорно подрачје, пренесува во четвртокот агенцијата РИА повикувајќи се на извор од сепаратистичките власти.

„На 30-ти јули беа убиени најмалку пет и ранети околу десет платеници во Рускаја Лозоваја. Според нашите сознанија, станува збор за Шпанци. Пресретната беше нивна радио-комуникација на шпански јазик“, рекол соговорникот на агенцијата.

Според него, засега нема точни податоци за државјанствата на платениците од составот на таа единица.

„Првично, со средствата за длабинско извидување беше откриено групирање на непријателска жива сила, но подоцна се покажа дека станува збор за Шпанци. Целта се приближуваше кон нас и беше уништена“, рекол борецот на проруските сепаратистички сили.

На почетокот на март, веднаш по почетокот на воената офанзива на Русија во источна Украина, украинскиот претседател Владимир Зеленски објави дека 16.000 странски борци дошле да се борат на украинска страна. Во периодичниот преглед кон средината на јуни, руското министерство за одбрана, повикувајќи се на свои податоци од теренот и разузнавачки информации објави дека околу 7.100 платеници од 60 земји учествувале во борбите во редовите на украинските сили, но дека нивниот број во тој период веќе се намалил на 2.700 борци. До тој период биле убиени над 2.300 странски платеници, а боиштето го напуштиле повеќе од 2.000, според истиот извор.

Минатата седмица американските медиуми пишуваа дека странските платеници кои се вклучиле во украинските единици го губат моралот. Нивните соговорници навеле дека се незадоволни поради доцнењето на оружје од Западот, како и од слабата комуникација и содејства на единиците.

Други извештаи на американските новинари наведуваат дека странските платеници сѐ почесто одбивале да учествуваат во борбите во Украина, бидејќи лошата организација ги изложувала на големи ризици. Меѓу овие борци имало многумина кои биле на боиштата во Ирак и Авганистан, а кои според нив не можело да се спореди со она што се случува во Украина.